Албанската виртуелна министерка може да остане без лице: актерката по чијшто лик е направена ќе го тужи Еди Рама
Дигиталната министерката на Албанија Диела наскоро би можела да остане без лице, откако актерката, по чијшто лик е моделирана, ја тужи државата, објави европски „Политико“.
Препорачано
Во август 2025 година, албанскиот премиер Еди Рама привлече внимание во јавноста со идејата за министер или дури премиер базиран на вештачка интелигенција. Еден месец подоцна, тој ја претстави Диела, „виртуелна функционерка“ со вештачка интелигенција задолжена за борба против корупцијата во јавните набавки.
Диела веќе им беше позната на Албанците како чет-бот на порталот за владини услуги „е-Албанија“. Аватарот е изработен со ликот и гласот на актерката Анила Биша, врз основа на договор кој истекол на 31 декември 2025 година.
Со „унапредувањето“ на аватарот во министерка во септември минатата година, нејзиниот лик беше „оживеан“ и во обраќање во парламентот, кое беше пренесувано ширум светот.
Но, Биша наводно сега ги тужи Советот на министри, премиерот, Националната агенција за информатичко општество (АКШИ) и приватна компанија вклучена во проектот. Таа тврди дека владата продолжила да го користи нејзиниот лик надвор од договорениот рок и надвор од договорениот опфат кој бил ограничен исклучиво на платформата „е-Албанија“.
Албанската виртуелна министерка е „на апарати“, снема струја
Според судските документи објавени од повеќе локални медиуми, Биша бара привремена мерка со која веднаш би се запрела употребата на нејзиниот лик додека трае судската постапка. Таа наведува дека неовластената употреба ѝ нанела значителна и неповратна штета.
Биша уште во септември лани, во телевизиско интервју, објасни дека за чет-ботот на „е-Албанија“ снимила обемни видео и аудио материјали за ограничен временски период и за симболичен надомест, без да даде дозвола за други намени.
Портпаролката на албанската влада, Манјола Хаса, за „Политико“ изјави: „Албанија е слободна демократска држава во која, како и во секоја друга земја без цензура, луѓето имаат право да размислуваат и да постапуваат по правен пат против владата. Според нас, оваа тужба е бесмислена, но ја поздравуваме можноста конечно да се реши на суд“.
Биша не одговорила на барањето за коментар до моментот на објавување на текстот.


