Албанецот што тероризираше шпански туристи остана без ресторан (ВИДЕО)

Сопственикот на ресторанот „Панорама“ во Порто Палермо, во приморско градче Химара, кој неодамна тероризираше шпански туристи останува без угостителскиот објект откако Националниот инспекторат за заштита на територијата „се сети“ дека е дивоградба.

Претпладнево, со асистенција на полицијата, механизацијата почна со уривање на објектот, без присуство на сопственикот Михаил Кокдима, кој е во притвор.

Ресторанот се протега на површина од 2.000 квадратни метри во една од најубавите зони на албанското крајбрежје. Освен што е дивоградба, објектот бесправно ја користел и плажата, изјавија од Националниот инспекторат за заштита на територијата.

Инцидентот се случи на 15 август кога петчлено семејство на шпанскиот милионер Еугенио Галдон, локалните возач и водич, физички биле нападнати во ресторанот, откако се пожалиле на лошиот квалитет на храната и услугата. Сопственикот на ресторанот фрлал и тврди предмети со кои ја напукнал шофершајбната, па кога тие заминувале се фрлил врз хаубата на која, според видеото кое ексклузивно го пренесе „ТВ Рапорт“ се гледа и крв. Се останал на хаубата додека комбето било во движење и се обидел да се пресмета со нив преку искршената шофершајбна.

Според Кокдима пак, тие „немале трпение да почекаат малку додека се подготви нарачката“.

– Сакаа да си заминат. Не можеа малку да почекаат, а кој мене ќе ми го плати трошокот? Толку многу внимание му дадовте на овој настан како да станува збор за Бин Ладен, изјавил Кокдима пред судија.

Семејството Галдон со сопствена јахта пристигнало во Саранда, ангажирало возило, возач и водич да ги прошетаат по јужниот дел од албанското крајбрежје.

Уште истиот ден нив и посети и министерот за туризам Бленди Кљоси, а премиерот Еди Рама го осуди однесувањето на сопственикот, кого го нарече варварин, кој ја засрамил целата нација, бидејќи го прекршил „светиот код на албанското гостопримство“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот