Џон Гудман го повреди колкот на филмски сет: Укажана му е итна медицинска помош!
Американскиот актер Џон Гудман (72) се здобил со полесна повреда за време на снимањето на новиот филм во продукција на „Ворнер брос“ и „Леџендери“. Според извештаите, Гудман се лизнал на сетот и го повредил колкот, по што му била укажана итна медицинска помош.
Препорачано
Непријатното случување предизвика краткотраен прекин на снимањето, но продукцијата ќе продолжи неделава, откако актерот целосно ќе закрепне, изјави портпарол на „Ворнер брос“ за „Дедлајн“. Доверливи извори тврдат дека повредата не е сериозна, а снимањето било паузирано само два дена. Очекувањата се Гудман да се врати на сетот веќе денеска.
Иако деталите за филмот сè уште се држат во тајност, познато е дека режијата ја води четирикратниот оскаровец Алехандро Гонзалес Ињариту, познат по „Човекот-птица“ („Birdman“) и „Повратникот“ („The Revenant“). Покрај Гудман и Том Круз, во актерската екипа се вклучени и Сандра Хилер, Риз Ахмед, Мајкл Стулбарг, Џеси Племонс и Софи Вајлд.
Џон Гудман е добро познат на публиката по своите улоги во хит-серијата „Роузен“ („Roseanne“), како и во филмовите „Големиот Лебовски“ („The Big Lebowski“), „Семејството Каменковци“ („The Flintstones“), „Улица Кловерфилд број 10“ („10 Cloverfield Lane“) и многу други.


