
Актерката Тамарa Ристоска е селектирана за учество во престижната програма „Берлинале таленти“
Македонската актерка Тамара Ристоска ќе учествува во престижната програма „Берлинале таленти“ („Berlinale Talents“), коja ќе се одржи од 15 до 20 февруари во рамки на овогодишното издание на Берлин филм фестивал – Берлинале, еден од најзначајните филмски фестивали во светот.
Препорачано
На 23-тото издание на програмата „Берлинале таленти“ актерката Тамара Ристоска е избрана помеѓу 3.836 апликанти од 123 држави, а таа е единствената учесничка од регионот.
„Берлинале таленти“ е платформа за развој на филмски таленти, која ја истражува уметноста и процесот на создавање филмови. Основана во 2003 година, оваа програма е препознатлива како еден од водечките форуми за филмски професионалци и ентузијасти. Со над 10.000 алумни ширум светот, „Берлинале таленти“ ја претставува една од најголемите глобални филмски заедници, нудејќи уникатна можност за вмрежување и креативна соработка на меѓународно ниво.
Овогодишната тема на „Берлинале таленти“ е „Слушај храбро – кинематски наративи во времиња на неусогласеност“ (Listen Courageously – Cinematic Narratives in Times of Dissonance), која ќе ги истражува значењето и важноста на слушањето во уметноста. Учесниците ќе имаат можност да се вклучат во дебати, работилници и дискусии со светски познати предавачи.
– „Берлинале таленти“ претставува уникатна платформа за вмрежување, учење и инспирација, и со нетрпение очекувам да бидам дел од оваа глобална филмска заедница – истакнува актерката Тамара Ристоска.
Во изминатите години, учесници на главните теми биле филмски легенди како Мартин Скорсезе, Кејт Бланшет, Кристен Стјуарт, Рубен Остлунд, Џералдин Чаплин и Лупита Њонг’о.
Тамара Ристоска е истакната млада актерка од Македонија, која успешно гради кариера и на меѓународно ниво. Позната е по улогите во филмовите „Мими“, „Проблемот на Тина“, „Обичната Ели“, „Return to Silent Hill“, „Verified Target“ и други. Покрај тоа, таа настапувала и во домашните ТВ-серии „Фамилијата Марковски“ и „Тинејџерски камп“, како и во српските продукции „Константиновото раскршче“ и „Бранилац“.
Нејзините најнови проекти вклучуваат улоги во режисерското деби на Сара Климоска со наслов „Нова енергија“, филмот „Лубарда“ на Горан Радовановиќ, како и „Рука правде“ под режија на Немања Ќераниќ, каде Тамара ја игра една од главните улоги.
Учеството на Тамара Ристоска на „Берлинале таленти“ е огромно признание не само за неа, туку и за македонската културна и филмска сцена, покажувајќи дека нашите уметници имаат капацитет да се докажат на највисоко светско ниво.