Ако Унијата не ги исполни ветувањата, ќе го загуби просторот пред Кина и Русија

Остар тон и пораки полни со критика упатува премиерот Зоран Заев кон Европската Унија во интервју за магазинот „Политико“. Тој и порачува, но и ја предупредува ЕУ, дека ќе добие удар врз репутацијата на Балканот и ќе загуби повеќе простор пред ривалските сили Кина и Русија доколку не започне преговори со Северна Македонија и Албанија.

Според Заев, позицијата на ЕУ на Балканот дополнително би ослабнала, не само поради фрустрациите околу блокадата на разговорите за членство, туку и поради испораката на вакцини против ковид-19. Заев нагласува дека македонската влада платила политичка цена за довербата во солидарноста на ЕУ.

Во интервјуто направено во рамки на неговата минатонеделна посета на Атина, македонскиот премиер вели дека неуспехот да се започнат преговорите ќе влијае, не само на Северна Македонија и Албанија, туку и на поширокиот регион на Западен Балкан. Ако ЕУ не ги исполнува своите ветувања во регионот, тоа исто така ќе биде и помал поттик за Косово и Србија да најдат решение во спонзорираните од ЕУ разговори и ќе направи да биде помалку веројатно Босна и Херцеговина да ги спроведе потребните реформи.

Заев ја отфрла идејата на еврокомесарот Оливер Вархељ за раздвојување на Албанија и Северна Македонија за почеток на преговорите.

Проблемот со Бугарија тој го опишува како „несуштински” и изразува оптимизам дека може да се најде решение.

Доколку нема напредок, предупредува Заев, процесот на проширување ќе биде замрзнат најмалку уште година и половина, поради изборите во Бугарија, Германија и Франција.

– Толку многу жртви и после тоа ЕУ да не испорача. Тоа е проблем. Покажавме повеќе европски вредности и манири од ЕУ, истакнува Заев.

Тој е оптимист дека ЕУ брзо може да ја поврати довербата, со брзо отворање на разговорите за членство. Наспроти него, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели дека е песимист и се сомнева дека Македонија ќе добие датум за преговори со Унијата.

– Ние немаме апсолутно никаква информација од страна на надлежните за тоа што во моментот се случува, дали течат преговорите, на кој начин се вршат тие преговори и слично. Единствената информација којашто ја имаме или информации, се оние коишто се јавно достапни, коишто практично се официјални изјави на евродипломати и луѓето коишто во Македонија се задолжени за евроинтегративниот процес, тука пред се мислам на Зоран Заев, Бујар Османи и Никола Димитров, изјави Мицкоски,  во гостување на „Рома њуз“.

Неговиот песимизам, како што посочи, се темели на пораките од страна на дипломатите од Брисел дека нема позитивен одговор од сите земји-членки на ЕУ.

– Од тоа што можам да го заклучам, во овој момент повеќе сум песимист, отколку оптимист дека сега на крајот од јуни месец со завршувањето на португалското претседателство, ние ќе ја добиеме датата би рекол за одржување на првата меѓувладина конференција. Затоа што јасна е пораката од страна на дипломатите во Брисел дека во овој момент нема позитивен одговор од сите земји членки на Европската Унија, а таму одлуките се носат со консензус – изјави Мицкоски.

Според него, со отворање на „Пандорината кутија“ и со тргување со националните и државни интереси, Заев всушност ги урнал преговарачките позиции на државата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот