Ако штрајкува ФЗО може да немаме здравстено осигурување, исплата на боледувања, рефундации….

Фонд за здравство / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

Вработените во Фондот за здравствено осигурување имаат најниски плати од сите органи на државната управа. Над 50 проценти од нив, ниту со две плати не можат да ја достигнат минималната синдикална кошничка која сега изнесува 48.389 денари.

Вработените од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) кои ќе се приклучат на протестот на судиите и на обвинителите во петок пред Собранието, најавуваат и целосен прекин на работата доколу не им се зголемат платите. Ова пак би можело да има катастрофални последици за сите вработени – да останат без здравствено осигурување, боледувања, рефундации…

– Вработените во Фондот за здравствено осигурување имаат најниски плати од сите органи на државната управа. Над 50 проценти од нив, ниту со две плати не можат да ја достигнат минималната синдикална кошничка која сега изнесува 48.389 денари. Во споредба со останатите институции со кои ФЗО има сродна дејност, вработените во ФЗО имаат од 120 до 150 евра пониска плата за истото работно место – ијави Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ).

Тој информираше дека веќе половина година има преговори со раководството на ФЗО сите вработени да добијат 15 проценти зголемена плата. Иако им било ветено дека ќе го добијат покачувањето во август годинава, им биле исплатено зголемување од само 2,5 проценти и им било кажано дека за останатиот дел немаат согласност од Министерството за финансии.

-Бидејќи висината на бодот за пресметка на плати ја носи Управниот одбор, бараме на следната седница на УО да се донесе одлука за зголемување на платите од 7.500 до 10.000 денари во зависност од нивото кој вработените го извршуваат – рече Деаноски.

Доколку вработените не добијат усогласување на платите, како што посочи Деаноски, подготвени се да прекинат со прием и исплати на сите боледувања, рефундации, здравствено осигурување….

– Со тоа е можно вработените да останат без здравствено осигурување – подвлече Деаноски.

Барањата на Синдикалната организација на ФЗО се усогласување на платите согласно платите на администрацијата во Клинички центар и клиничките болници, веднаш да се формира комисија за колективен договор и тој да биде донесен до крајот на годинава и да се смени директорот на секторот за финансиски прашања Миле Сугарев.

– Да се извести министерот за здравство дека не смее и не може да потпишува колективни договори со кои им се зголемува платата на администрацијата во јавно здравствените установи без истото да важи за вработените во ФЗО, веднаш и без одлагање да се постапи согласно одлуката на ССМ за назначување на член на управен одбор во ФЗО затоа што на сегашниот му е истечен мандатот од септември 2023 година – рече претседателот на Синдикалната организација на ФЗОМ Бранко Аџигогов.

На прашањето кога и со каква иницијатива би почнале штрајкувачките активности доколку ги има, Аџигогов посочи дека од следниот петок ќе имаат штрајкувачка активност и информираше дека ќе протестираат пред Собранието затоа што тогаш најверојатно ќе се разгледува распределбата на буџетот за ФЗО.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот