Ако мора да одите под анестезија, лекарите сакаат ова да го знаете

Profimedia
Profimedia

Сознанието дека мора да одиме на операција и дека ќе примиме анестезија, општа или локална, може да предизвика чувство на непријатност и мисла дали сè ќе помине добро.

Сите поголеми хируршки интервенции предизвикуваат неподнослива болка, а секој организам реагира на таквата болка со состојба на шок. Оваа состојба може да предизвика и ненадејна смрт, а со цел да се избегне тоа, се користат анестетици кои ги блокираат центрите за болка.

Што треба да знаете за анестетиците:

За што служи прегледот на анестезиологот пред интервенцијата?

Неопходно е анестезиологот да го прегледа пациентот пред операцијата и да добие увид во целосната медицинска документација, лабораториските анализи на крв и урина, снимката на белите дробови и ЕКГ со цел да утврди дали пациентот е подготвен за зафатот. Во случај на итни операции, анестезиологот во операциската сала го надоместува губитокот на крвта, го лекува нарушувањето на срцевиот ритам, високиот крвен притисок, срцевиот застој…

epa-efe
EPA-EFE/GIUSEPPE LAMI

Зошто на анестезиологот не смеете ништо да му премолчите?

Важно е пациентот на прегледот искрено и точно да го информира анестезиологот за своето здравје. Како и кај многу медицински зафати, ризиците зависат од низа околности. Притоа, многу важни се болестите кои пациентот ги преболел или од кои сега боледува, а кои не се поврзани со операцијата. Важни се општата здравствена состојба на пациентот, возраста и навиките.

Употребата на наркотични средства, алкохолот, епилепсијата, мускулната слабост, психијатриските заболувања и наследните болести може да бидат причина за компликации за време и по интервенцијата, доколку анестезиологот не знае за нив и не избере соодветен вид на анестезија.

Пред операцијата, потребна е анамнеза, предоперативна подготовка, преглед и проценка на здравствената состојба. Се прави и лабораториска анализа на крвта, ЕКГ, доколку е потребно рендгенско снимање на белите дробови, преглед од интернист или уште нешто во зависност од состојбата и болестите на пациентот. Мерењето на пациентот е задолжително, бидејќи лековите се даваат во зависност од телесната тежина. Сето ова се однесува на редовната програма. Кај итните случаи, често поради недостигот на времето не можат да се дознаат деталите или да се направи комплетно обработување.

epa-efe
EPA-EFE/GIUSEPPE LAMI

Редовна терапија во договор со лекарот

Ако редовно земате одредени лекови (за висок крвен притисок, дијабетес, депресија и сл.), договорете се со анестезиологот дали и како да ги земате на самиот ден на операцијата и дали треба дозата да ја прилагодите додека сте во болница. Задолжително информирајте го лекарот за постоечката терапија.

Постојат неколку видови на анестезија, општа или тотална, епидурална, спинална, блок-анестезија… Која ќе се примени за планираната операција, зависи од одлуката на анестезиологот и од самата интервенција. Оваа одлука ја донесува анестезиологот при прегледот на пациентот и разговорот со него, а врз основа на неговата здравствена состојба, лековите што ги зема, алергиите, животните навики (зависност од дрога, алкохолизам…).

Profimedia
Profimedia

Дали може анестезијата да попушти во текот на операцијата?

За да не се случи тоа, се додава анестетик во текот на операцијата и со тоа се планира моментот на будењето.

Колку време треба да помине помеѓу две анестезии и колку најдолго може да трае нејзиното дејство?

Анестезијата може да се прими неколкупати по ред, дури и во ист ден. Ако е тоа неопходно, може да се одржува и повеќе денови, па дури и месеци во случај на вештачка кома.

Unsplash

Чаша вода може да ве „убие“

Сите што биле подложени на некоја операција, сигурно се сеќаваат на прашањето на анестезиологот: Дали нешто сте јаделе или пиеле во последните осум часа? Многумина ќе кажат – не, само вода.

Секогаш ќе добиете упатства дека ноќта пред операцијата ништо не смеете да јадете или пиете. Меѓутоа, некои го игнорираат тоа, особено кога станува збор за дете. А, зошто е важно да не се консумира ниту храна ниту вода пред операцијата?

Пациентот под анестезија нема зачувани рефлекси, мускулниот тонус му паѓа. Затоа, голема е веројатноста дека ќе дојде до повраќање на желудочната содржина, која може да се задржи во дишните патишта, што во поблаг случај може да предизвика воспаление на белите дробови, а во најлош случај, гушење и смрт.

epa-efe
EPA-EFE/SAN RAFFAELE HOSPITAL

Важно е пациентот да се придржува до следниве упатства:

– Осум часа пред операцијата, не треба да се јаде или пие за да се избегне повраќање и аспирација (вдишување на повратената содржина). Од гледна точка на анестезиологот, кој како една од задачите, покрај отстранувањето на болката, ја има и одржувањето на проодноста на дишните патишта. Во текот на операцијата, една чаша вода и килограм помфрит имаат иста тежина. И двете можат да доведат до проблеми со дишењето. Затоа, запомнете, без храна и пијалак (што подразбира и вода) барем осум часа пред закажаната операција.

– Шест часа пред операцијата не смее да се пуши. Затоа што будењето по операцијата, без оглед на видот на анестезија, може да биде многу трауматично за пушачите, проследено со силна кашлица и гушење. Тие велат дека чувството е толку непријатно што по ваквото искуство, многумина одлучуваат веднаш да се откажат од цигарите.

– Пред операцијата, потребно е да се отстранат подвижните делови на забите (забни протези) и контактните леќи. Исто така, потребно е да се отстрани целата шминка и лакот од нотктите, како и прстените, ланчињата и другиот накит. Во случај да дојде до некои компликации, ноктите се првиот показател дека нешто не е во ред. Во случај на престанок на работата на виталните органи или на гушење, бојата на ноктите се менува, што не може да се види ако на нив има лак.

– Пред завршувањето на анестезијата, пациентот не може без придружба да оди дома. Некој треба да дојде по него откако лекарот ќе го ослободи од надзорот.

– Пациентот не смее активно да учествува во сообраќајот, да работи со моторни машини и да пие алкохол најмалку 24 часа по анестезијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот