Ако ја сретнеш вистинската во погрешно време: Најромантичната порака од Дац за неговата Весна
Драган Спасов – Дац е познат како голем романтичар, а тоа уште еднаш го докажа на двата концерта „Дамите бираат“ на дуото Дац и Александар, кога на сцената беа прикажани фотографии во рамка од нивните сопруги.
Препорачано
Сопругите на Дац и на Александар Митевски се качија на сцената на нивниот евергрин „Уште ми фалиш“ и ги поддржаа во овие два љубовни концерти во Македонскиот народен театар. Дац на својот фејсбук-профил објави фотографија токму од неговата Весна од концертот и напиша „Ако ја сретнеш вистинската личност во погрешно време, животот повторно и повторно ќе ве враќа еден кон друг. Вистинските љубови се создадени за да се имаат, а не за да се немаат“.
На концертот, Дац и Александар преку песна, посебна сценографија и искрена емоција на големата сцена на МНТ ја раскажаа заедничката приказна која трае веќе седум години.
Вечерта беше полна и со многу изненадувања. Дац ја рецитираше „Умилкување“ од Петре М. Андреевски, а публиката беше сведок и на едно запросување. Како што беше најавено, забавата со шармантното дуо започна со пијалок за добредојде во лобито на театарот, а по концертот видно расположената публика уживаше во опуштен коктел со музиката на Боби Јоргушевски, додека имаше можност да се дружи со ѕвездите на вечерта – Дац и Александар.
Во април 2022 година, актерот Драган Спасов – Дац се венча со долгогодишната партнерка Весна Терзиевска, на својот роденден, на крајот од неговиот настап со Александар Митевски во „Трибека“. Венчавката беше изненадување за Дац, кое го организирале Александар и неговата сопруга.
„Со Весна живееме повеќе од 15 години. Размислувавме од поодамна да се венчаме. Таа секогаш знае да ме изненади“, рече тогаш актерот.


