Ако храната и пијалакот ви имаат вкус на бензин, можеби имате коронавирус

Губењето на сетилото за вкус и мирис е еден од клучните симптоми што укажува на ковид-19, но постои уште еден сроден симптом, кој би можел да послужи и како знак за предупредување.

Според „Вашингтон пост“, многу пациенти со ковид-19 имаат „искривено“ чувство за вкус или мирис; тие не го изгубиле целосно сетилото, туку тоа е променето. Овој симптом се нарекува паросмија, дисфункција на откривањето на мирисот (изменетост на сетилото за мирис), која може да влијае и на способноста на човекот да ја обработува перцепцијата на аромата – и се чини дека е изненадувачки доминантна кај пациентите со ковид-19.

Инфектологот Џенифер Спајсер од Универзитетот „Емори“ во Атланта, го споделила своето искуство со паросмија по закрепнувањето од ковид-19.

Мислев дека сум оздравела – рекла таа.

Но, неколку месеци подоцна, Спајсер пиела црвено вино и забележала дека нејзиниот пијалак има вкус „како бензин“. Кафето го имало истиот вкус, а Спајсер наведува и дека месото имало расипан вкус.

Се испоставило дека многу луѓе заболени од ковид-19 ја имале оваа состојба, односно, многу од нив изјавиле дека храната и пијалаците им имаат вкус на бензин или мирис на гнилеж, расипано. Друга жена изјавила за Би-би-си дека откако заболела од ковид-19, „месото има вкус на бензин, а виното има вкус на расипани јаболка“. И другите заболени навеле дека нивната храна има расипан вкус, а виното има вкус на нафта.

Но, освен ковид-19, и другите работи можат да влијаат на вашите сетила. Проблеми со забите, недостаток на хранливи материи во исхраната, алергиите и синусните инфекции исто така може да предизвикаат промени во сетилата за вкус и мирис.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот