Акцијата во Грчец и Арачиново, „лов во магла“!

Македонската полиција и Јавното обвинителство засега молчат и не ја известуваат јавноста до каде е истрагата за престрелката која се случи на први овој месец во скопскиот хотел „Александар Палас“. Засега не се знае причината ниту пак извршителите на оружениот напад. Од тоа што е досега познато, се знае дека напаѓачите биле оружени со две автоматски пушки „Калашников“ и еден пиштол. Кога застанале пред стаклената влезна врата од хотелот, го впериле оружјето кон петмина мажи кои седеле во ресторанот на објектот. За брзо време напаѓачите почнале да пукаат кон таргетите, но за среќа никој во нападот не беше повреден.

Меѓу лицата кон кои беше пукано бил и припадник на МВР, кој во критичниот период не бил на должност, но со себе го носел службениот пиштол. Полицаецот го употребил службеното оружје и припукал кон напаѓачите, кои пак со џип „туарег“ избегаа од пред хотелот. Неколку часа по нападот, во близина на скопско Арачиново возилото и двете автоматски пушки беа пронајдени пеплосани во нива крај пат.

Ден по престрелката, дел од медиумите, повикувајќи се на полициски информации, тврдеа дека станува збор за пресметка на два нарко кланови кои започнале отворена пресметка за територија.

Набрзо по ваквите новинарски стории, поточно пред четири дена, уште во раните утрински часови, околу 5.20 часот, припадници на специјалните сили на МВР и истражители упаднаа во неколку локации во скопските села Грчец и Арачиново. Истиот ден во попладневните часови МВР извести дека биле приведени десетмина, односно шестмина мажи од селото Грчец и четворица од Арачиново.

„Се сомничат за повеќе кривични дела – предизвикување општа опасност, загрозување на службено лице, нелегална трговија со дрога, недозволено држење и произведување на оружје. Во текот на вчерашниот ден, пак, уапсени се уште две лица, едно од Скопје во чиј дом биле пронајдени 1,5 килограми марихуана и друго од селото Крушопек кое се барало со централна потерница“ изјавија тогаш од МВР.

Од полицијата тој ден тврдеа дека дел од приведените се под сомнение дека се замешани во пукањето на 1-ви овој месец во „Александар Палас“ и дека по претресите полицијата запленила автомобили, пиштоли, пушки, куршуми, панцири, лаптопи, опрема за видео надзор, мобилни телефони, дрога и други предмети. Беше нагласено и дека дека акцијата е спроведена од страна на СВР Скопје во содејство со Одделот за сузбивање на сериозен и организиран криминал, криминалистичката полиција и Одделот за специјални политички операции во кординација со Основно јавно обвинителство.

Токму од Основното јавно обвинителство по акцијата на МВР известија дека освен за едно лице, „Обвинителството, како орган на прогон, по евентуално дополнително поднесени кривични пријави, поткрепени со докази обезбедени на законит начин, ќе постапи согласно своите законски надлежности“ соопшти обвинителството без да прецизира дали во акцијата се обезбедени докази.

Од ОЈО рекоа дека во однос на другите лица лишени од слобода при извршените претреси, од МВР до Основното јавно обвинителство Скопје не беа поднесени кривични пријави, туку беше поднесено едно известување за одземени предмети и за обезбедени траги од лице место, за кои дежурен јавен обвинител веднаш истиот ден, согласно Законот за кривична постапка, издаде наредби за вештачење до МВР – Оддел за криминалистичко-технички испитувања и вештачења“.

Точно 10 дена по немилиот настан, од МВР и од ОЈО не кажуваат дали некој од уапсените, па ослободените, биле вмешани во пукотницата во „Александар Палас“ или пак акцијата во Грчец и Арачиново била „лов во магла“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот