Ахмети: Повикувам на еднаквост, почит и продолжување на духот на Охридскиот договор
Лидерот на политичката партија ДУИ, Али Ахмети, упати честитка по повод 8 Септември – Денот на независноста на Македонија, во која истакна дека јубилејот е можност за размислување за минатото, сегашноста и иднината на земјата.
Препорачано
Ахмети потсети на исклучувањето на Албанците од процесите на изградба на државата во 1974 и 1991 година, и на дискриминаторскиот устав што ја промовирал етничката надмоќ на мнозинството.
Тој посочи дека овие политики завршиле со Охридскиот договор од 2001 година, кој овозможил етничка, јазична, културна и образовна еднаквост, употреба на националните симболи и заеднички одговорности, отворајќи го патот за интеграција во НАТО и почеток на разговорите за членство во Европската Унија.
Ахмети предупреди дека денес се повторуваат политики кои го загрозуваат соживотот, Охридскиот договор и меѓуетничките односи. Тој повика на лидерство и отфрлање на антиалбанската реторика, нагласувајќи дека Албанците сакаат обединета, еднаква држава интегрирана во НАТО и ЕУ.
„На овој јубилеј ги повикувам македонските политички лидери од целиот политички спектар да се откажат од политиката за внесување погрешна перцепција кај Македонците за Албанците и соживот, да сведочат лидерство и заедно да го следиме европскиот пат“, истакна Ахмети.


