Ахмети и Џафери од Врховен бараат ревизија на тужбата против ексразузнавачот Богоески

Пред врховните судии е пресудата од тужбата поднесена од лидерот на ДУИ, Али Ахмети и ексвицепремиерот Муса Џафери, против екс разузанвачот Слободан Богоески за навреда и клевета. Врховен допрва ќе направи ревизија на тужбата, која со правосилна одлука на скопскиот Апелационен суд, е одбиена, односно е пресудено дека Богоески не ги наклеветил Ахмети и Муса, ниту, пак, треба да им плати отштетa. Скопска „двојка“ пред десетина дена го испратил предметот на „чешлање“ во Врховен.

– Ве известуваме дека предметот П5-25/18, на ден 12.09.2019 година од наша страна е пратен до ревизискиот суд, односно истиот е во постапка по ревизија пред Врховен суд на Република Северна Македонија – информираат од Основниот суд Скопје 2 за „Слободен печат“.

Три опции се во игра. Врховните судии да ја потврдат одлуката на скопскиот Апелационен суд, дека Богоевски не ги наклеветил Ахмети и Џафери и не е обврзан да им плати отштета, да ја преиначи оваа одлука или тужбата да ја врати на повторно судење во Граѓанскиот суд. Предметот во Врховен стасал пред една недела, односно во вторникот и допрва ќе се прави ревизија.

„Слободен печат“ побара одговори од адвокатската канцеларија „Поленак“, од каде ги застапуваат тужителите, односно Ахмети и Џафери, но нѝ рекоа дека прво ќе почекаат што ќе покаже ревизијата на Врховниот суд, па ќе дадат изјава.

Бранителите на Богоески, пак, нѝ рекоа дека пресудата е правосилна, односно ексразузнавачот не ги наклеветил Ахмети и Џафери, ниту треба да им плати отштета, а во овој спор, тужителите имаат право од Врховниот суд да бараат испитување на предметот.

Апелација во мај ги одби тужбите на Ахмети и Џафери за клевета против ексразузнавачот Богоески. Во пресудата пишува дека тужителите немаат право на отштета. Судот по вторпат одлучуваше по жалбата на Богоески. Претходо, скопска „двојка“ лани во јануари утврди граѓанска одговорност кај Богоески. Честа и угледот кај Ахмети и Џафери се довеле во прашање.

Ексразузнавачот е тужен од Ахмети и Џафери, откако во исказ пред Њујоршкиот суд наведе дека на нив им било исплатено мито од „Маѓар Tелеком“ од по 2,5 милиони евра во 2005 година. Богоески пред американскиот суд изјави дека 7,5 милиони евра биле внесени во Македонија со службен владин автомобил, за поткуп на тројца политичари – поранешниот премиер Владо Бучковски, Ахмети и Џафери. Наводно, тие биле поткупени за да спречат влез на друг телекомуникациски оператор во Македонија.

Првично, со тужбата Ахмети и Џафери бараа вкупно 5,5 милиони денари отштета, за на време на постапката пред Граѓанскиот суд да се предомислат, со повлекување на финансиското барање.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот