Агендата на манифестација „Денови на поезијата“ содржи многубројни поетски читања
Под мото „Поезијата е свртена кон човекот, се создава за него и ги дели неговите соништа“ од 14 до 16 мај, во Скопје Сити Мол, ќе се одржи третото издание на „Денови на поезијата“ во организација на Фондација „Ацо Шопов – Поезија“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Соништата на нашите поети – оние што се со нас, и оние што веќе ги нема – ќе бидат во срцевината на програмата, со која фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ доследно продолжува да гради мостови меѓу генерациите.
Традиционално, манифестацијата ќе започне со одбележување на јубилеи на истакнати македонски поети и творци: Васил Куноски и Волче Наумчески (родени 1916), Блаже Конески (1921), Видое Видичевски, Илхами Емин, Анте Поповски, Љупчо Стојменски и Љубен Ташковски (1931), Петар Т. Бошковски и Михаил Ренџов (1936), Светлана Христова-Јоциќ (1941), Атанас Вангелов и Васил Пујовски (1946).
Во текот на „Денови…“ ќе бидат одбележани и јубилејните родендени на Јован Стрезовски, Иван Чаповски, Ефтим Клетников, Катица Ќулавкова, Ванчо Полазаревски и Гордана Јовиќ-Стојковска. На поетската сцена ќе настапат и современите македонски поети: Лира Бојку, Ристо Василевски, Вероника Димоска, Саранда Мехмеди, Нино Наумовски, Елена Пренџова, Михајло Свидерски, Милена Сиљаноска, Стефан Спасовски, Виолета Танчева-Златева и Лејла Шериф Емин.
Истовремено, манифестацијата ја зајакнува и својата меѓународна димензија. Минатата година, публиката имаше можност да се запознае со младиот грчки поет Сотирис Минас, кој остави силен впечаток во јавноста, а му беше оддадена почит на сенегалскиот поет Леополд Седар Сенгор (1906-2001). Годинава, пак, како почесна гостинка ќе настапи Дорис Карева од Естонија, едно од најзначајните имиња во современата европска поезија.
Како што е вообичаено, најновата поетска генерација ја заокружува агендата на манифестацијата. Овојпат, во чест на Анте Поповски, поканети се млади добитници на наградите кои го носат неговото име.

Годинава се навршуваат и 55 години од првото издание на „Златно славејче“, како и 90 години од раѓањето на Александар Џамбазов, кој заедно со Васил Пујовски го иницираше овој фестивал. Затоа, во сабота, 16 мај, поетската сцена на фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ и Скопје Сити Мол ќе се претвори во еден прекрасен поетски и музички лавиринт, низ кој публиката ќе ја води Игор Џамбазов. Предвидена е и интерактивна програма во која учествуваат ученици од основните училишта „Ацо Шопов“ и „Владо Тасевски“. Голем број деца од целата земја се очекуваат и на Државниот рецитаторски натпревар за ученици од основно и средно образование што ќе се одржи во киното „Синеплекс“.
Во „Синеплекс“ настапува и „Поетроника“ со концертот „Кон Ацо Шопов“ – современ музичко-поетски омаж на неговото творештво. За влезниците информации можат да се добијат на Инфопултот во Скопје Сити Мол.
Публиката и овојпат ќе биде вклучена во програмата преку интерактивни содржини за кои се предвидени пригодни награди. Посетителите ќе имаат можност да запишуваат свои стихови на „Ѕидот на поезијата“, како и да учествуваат во наградната игра „Поетско тркало на среќата“.
Како новитет, „Денови на поезијата“ годинава го воведуваат Поетскиот саем на книгата, замислен како простор за средба меѓу поетите, издавачите и читателите, како и за промоција на современата поетска продукција.
Воедно, за првпат една македонска поетска манифестација станува дел од агендата на „Поетската пролет“ – француска иницијатива која со текот на времето добива сè поизразен меѓународен карактер и претставува значајна платформа за светска поетска и културна размена.
Партнери на настанот се Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Факултетот за драмски уметности и Факултетот за музичка уметност при УКИМ, основните училишта „Ацо Шопов“ и „Владо Тасевски“, издавачките куќи „Литература.мк“, „ПНВ Публикации“ и „Чудна Шума“, Македонскиот ПЕН Центар, Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература, младинското здружение „Култура Бета“, како и киното „Синеплекс“, известија од Фондација „Ацо Шопов – Поезија“.


