Агатангел: Оваа однародена власт го запостави народот, му ги зголеми маките и му ја повреди душата

Фото: ТВ Алфа/принтскрин

Во подолго писание на веб-страницата на Повардарската епархија, митрополитот на МПЦ-ОА Агатангел се осврна на нападите врз него по контроверзниот политички говор кој го одржа во Кавадарци пред неколку дена, во која ги благослови ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски. Митрополитот и оваа можност ја искористи за политички напад врз актуелната власт, која ја нарече „однародена“ и ја обвини дека „му ја повреди душата на народот“.

Агатангел пишува дека подолг период не реагирал на политичките случувања, оти се надевал како народот ќе ги види замките во кои паднал, од однесувањето на, како што ја нарекува, „крајно однародената власт“, која не го слушала пулсот на народот.

„Деновиве сме сведоци на една таква животна прилика, која успеa да разбуди многу од овие душевни чувства кај нашиот македонски народ. Некои ја толкуваа оваа ситуација полни со гнев, огорченост, омраза, други пак со поддршка, разбирање и сочувство. Малку подолг период оставив простор без свои јавни реакции на актуелните политички случувања, имајќи надеж дека сепак македонскиот народ јасно ќе ги види замките во кои западна благодарејќи на однесувањето на оваа крајно однародена власт, која насилно и необјасниво протурка смена на името и отвори „добрососедски дебати“ со Бугарија за ревизија на нашата историја, со што го стави македонскиот народ во подредена позиција во однос на други и предизвика многу антидржавни чувства, а со тоа длабоко ги пречекори своите овластувања како извршна власт“, вели митрополитот.

Тој додава дека како епископ на Македонската православна црква, секојдневно имал „контакти со наши браќа и сестри кои имаат различни идеолошки и политички убедувања, и кои при нашите разговори неретко ја изразуваат својата загриженост и разочараност од потезите на оваа власт, која дефинитивно не го слуша пулсот на народот и неговите потреби, а најмалку ја гледа и ја чувствува неговата болка која несразмерно порасна изминативе неколку години“.

„Тој народ, македонскиот, е Црквата Македонска. Тој народ е душата на Црквата наша. Тој народ е народот за кои ние, како свештенослужители, ги принесуваме нашите молитви кон Севишниот Бог, народ за кој просиме благосостојба, здравје, среќа и напредок. Тој е оној ист народ, кој власта го запостави, му ги зголеми егзистенционалните маки, но згора на се, му ја допре и му ја повреди душата“, вели Агатангел во написот, додавајќи дека „и оние кои ме поддржаа овие денови, но и оние кои се изнафрлаа „дрва и камења“ по мене, длабоко во својата душа знаат дека не чинат работите. Дека нашата Македонија не оди во добар правец. Знаат сите, драги мои. И од ова повеќе нема бегање“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот