Африм Гаши: Отворените листи ќе ја зголемат демократијата
Сè поизразена е потребата од воведување отворени листи во изборниот модел, при што постојат аргументи и „за“ и „против“, истакна претседателот на Собранието Африм Гаши на денешната дводневна дебата „Гласот на граѓаните во Собранието: Национална дебата за улогата на Собранието во процесот на пристапување во ЕУ“, во организација на Институтот за европска политика (ЕПИ).
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Гаши нагласи дека лично ја поддржува идејата за отворање на листите, оценувајќи дека граѓаните треба да имаат можност, покрај партијата што ја составува листата, директно да изберат и пратеници по свој избор.
– Мислам дека така ќе се зголеми демократичноста и дигнитетот на пратеникот. Пратеник кој ќе дојде од десетто или дваесетто место на листата, нема да биде таму само по заслуга на лидерот, туку со гласовите на граѓаните. Тогаш неговата одговорност не е само кон партијата, туку и кон граѓаните – рече Гаши.
Тој додаде дека ова прашање треба отворено да се дискутира и дека веќе постои работна група која работи на изборниот модел, повикувајќи на храбар пристап кон отворање на листите.
Говорејќи за улогата и перцепцијата на пратениците, Гаши оцени дека дигнитетот на пратеникот зависи и од јавната реакција, но и од неговото сопствено делување.
– Достоинството на еден пратеник се брани од две страни, како јавноста реагира и како тој самиот работи за својот углед. Тоа е обострана улица и мора да ги разјасниме двете компоненти – истакна тој.
Претседателот на Собранието посочи и дека во општеството е потребна поголема политичка и медиумска писменост, нагласувајќи дека социјалните мрежи придонесуваат за доминација на негативните вести.
– Сè помалку зборуваме за добрите страни на пратениците и Собранието. Освен критика, потребна е и граѓанска одговорност и разбирање на државниот интерес – рече Гаши.
Тој порача дека нема силна држава без силно Собрание и дека институцијата не треба да се генерализира негативно, бидејќи, како што нагласи, постојат и квалитетни и посветени пратеници.
– Не можеме да имаме силна држава без силно Собрание, ниту силно Собрание без силни пратеници. Во Собранието има и одлични пратеници, но и такви кои не се на своето ниво – додаде Гаши.


