Аферата „Беливук“ ја тресе Србија: Совет за национално прислушување

Фото: SRDJAN STEVANOVIC / AFP / Profimedia

Небојша Стефановиќ, заменик премиер и министер за одбрана на Србија и близок соработник на претседателот Вучиќ, не е тргнат од функциите во државата и партијата. Тој не се појави на прес-конференцијата по седницата на Советот за безбедност, иако е секретар на тоа тело. И понатаму се поставува прашањето што сè знае Стефановиќ, како „клучар“ на државните тајни. Но, со приведувањето на еден од неговите најблиски соработници од времето кога тој беше министер за внатрешни работи, се испраќа уште една силна порака

Српската држава го направи првиот чекор кон откривањето на полициската и политичката заштита на кланот Вељко Беливук минатиот вторник со апсењето на Горан Папиќ, поранешниот заменик шеф на Службата за борба против организиран криминал (СБПОК).

Папиќ беше еден од најблиските соработници на Небојша Стефановиќ уште од времето кога беше министер за внатрешни работи, а неговото име последните денови често се споменуваше во врска со кланот на Вељко Беливук и прислушувањето на српскиот претседател.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека постои сомневање дека на 15 април минатата година, за време на вонредна состојба, Папиќ повикал еден од раководителите во белградската полиција, од кого побарал враќање на блиндираниот автомобил на „лицето кое сега е во притвор“. Медиумите блиски до власта објавија дека тој побарал автомобилот да му се врати на Беливук.

Нема мафија без политика и полиција

Беливук и членовите на неговата криминална група со години уживаа политичка, полициска и безбедносна поддршка. Некои членови на групата имаа полициски легитимации, учествуваа во заплашувања на политички противници на сегашната влада, дисциплинираа секого кој на стадионите викаше против српскиот претседател Александар Вучиќ, беа амнестирани за разни злосторства, па дури и доказите беа уништени за Беливук и Марко Миљковиќ да бидат ослободени од сомнежите за убиството на каратистот Властимир Милошевиќ, а сè уште не е откриено од обвинителите и полицијата кој му го овозможил сето ова на Беливук. Неговиот личен и подемот на неговата екипа започна во 2012 година и се совпадна со доаѓањето на Српската напредна партија (СНС) на власт.

Претходните денови Папиќ беше споменуван како човекот на чие инсистирање Предраг Лајиќ бил назначен за шеф на Одделот за наркотици во СБПОК, кој беше уапсен минатиот месец и за помагање на Беливук. Се покажа дека тој учествувал во претресот на зградата што била озвучена и дека, заедно со друг колега, е осомничен дека криел докази против Беливук.

Горан Папиќ на пошироката јавност ѝ е познат како актерот на претепувањето на сопственикот на ресторанот „Јахорина“ на Вождовац, Дејан Пејовиќ. Според Пејовиќ, тој бил претепан само затоа што отворил ресторан во близина на ресторанот на Милорад Папиќ, таткото на Горан. На претепувањето, како што тврди, му претходело осум месеци гребење на неговиот автомобил од страна на Милорад Папиќ.

Поради тоа тепање, Министерството за внатрешни работи покрена дисциплинска постапка против двајца свои службеници.

Прислушување за потреби на режимот

Папиќ најпрво беше посочен од Бошко Обрадовиќ, водачот на „Двери“, кој рече дека Папиќ дошол во Министерството за внатрешни работи во 2014 година и дека неговиот прв работен ангажман бил во контроверзниот Оддел за безбедносни работи во Кабинетот на министерот за полиција, што е поврзано со незаконското следење на новинарите. За четири години, тој ја достигна позицијата заменик началник на СБПОК.

Одредени извори тврдат дека тој стана сива еминенција на Министерството за внатрешни работи по заминувањето на Дијана Хркаловиќ од тоа министерство и дека со тоа го наследи бизнисот со нелегално прислушување и следење за потребите на режимот. Припадници на Министерството за внатрешни работи го опишаа како арогантен, а како доказ за тие тврдења се сподели и фотографија што ја објави на Инстаграм, на која Папиќ седи во автомобил „ферари“ вреден 400.000 евра.

Небојша Стефановиќ во мај минатата година, значи еден месец по враќањето на автомобилот на кланот Беливук, јавно, во одговор на Драган Ѓилас, го нарече Горан Папиќ „чесен српски полицаец“. Тогаш тврдеше дека Ѓилас го напаѓа Папиќ заради апсењето на Милан Дабовиќ, кого го нарече „шурата на Ѓилас“, иако станува збор за братот на кошаркарката Ана Дабовиќ која своевремено беше во врска со Ѓилас.

Истото тврдење го изнесе и Александар Вучуќ изјавувајќи јавно дека „Небојша, секако, ми е еден од најблиските соработници“ и дека „осоебно пречи затоа што на еден од неговите најблиски луѓе лично од автомобилот му извлекол нарко-злосторник кој имал три килограми дрога околу вратот, па затоа се води хајка против Небојша Стефановиќ и Горан Папиќ“. Тоа Вучиќ го кажа во 2019 година.

Вучиќ: „Нема да има заштитени“

Родениот брат на Горан Папиќ е Александар Папиќ, еден од најдобрите пријатели на Небојша Стефановиќ, за кого се тврди дека се има стекнато со огромно богатство во претходните неколку години како резултат од водењето бизниси со државата. И за Александар Папиќ претходните денови се пишуваше во контекстот на тоа дека го посетувал „бункерот“ на Беливук на стадионот на  Партизан, но дека наводно и тој учествувал во рекетирањето на Остоја Мијаиловиќ, претседателот на кошаркарскиот клуб „Партизан“ и увозникот на „Бритиш моторс“ за Србија.

Апсењето на Папиќ навистина е сериозен удар против Небојша Стефановиќ кого, сега е сосема извесно, го чека конечна пресметка со Александар Вучиќ.

Таа пресметка не се случи за време на седницата на Советот за национална безбедност минатата сабота, наспроти очекувањата дека до тоа ќе дојде. Стефановиќ таа вечер не се појави на конференцијата за новинарите по седницата на Советот, што ја држеше Вучиќ, иако Стефановиќ е секретар на тоа тело и, практично, тој е на најважната функција бидејќи таа подразбира координација со службите за безбедност.

На таа прес-конференција, прашањето на ТВ Н1 за Стефановиќ видно го изнервира Вучиќ, на што возврати: „Прашувате затоа што очекувавте некој да го обвини Небојша Стефановиќ (…) па да ги развивате своите теории. Кај обвинителот има сѐ, нема да има заштитени, тој својата работа ќе ја одработи како што треба“, порача Вучиќ.

Стефановиќ, по име, сѐ уште никој не го прозива од страна на Српската напредна странка, иако партиските колеги практично го цртаат неговиот портрет со изјавите за „министерот кој работел за главата на Вучиќ“.

Министерот за одбрана последните денови се наоѓа под жесток оган. Последното е што Дијана Хркаловиќ, некогаш негова блиска соработничка, ја обвинуваат за поврзаност со Беливук, како и за прислушувањето на претседателот.

 Преземено од „Недељник“ од Белград

Криминалната мрежа на Веља Невоља: До кило – дилер, над кило – деловен партнер

Како пропадна криминалниот план на Дарко Елез и Веља Невоља да го формираат најопасниот клан во Србија

Видеа со свирепи злосторства пронајдени во телефонот на соработничка на Веља Невоља – нови докази против криминалната група

Веља Невоља останува во притвор – постои опасност да побегне или да убие уште некој

Жестоки напади врз Вучиќ по објавата на шокантни фотографии од злосторствата на Веља Невоља: Само претстава за народ, сиот криминал потекнува од овој режим

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот