Криминалната мрежа на Веља Невоља: До кило – дилер, над кило – деловен партнер

Фото: EPA-EFE

Има една реченица на почетокот од една епизода на Нетфликсовата серија „Наркос: Мексико“ која потполно важи за таканаречената „војна против мафијата“ во Србија: „Ако сте криминалец, а единствена група која би требало да ве запре, полицијата – биде на ваша страна – тогаш сте победник“.

Нема поточна реченица која ја опишува моменталната состојба на криминалот во Србија, а паралелите со мексиканските „наркоси“ се повеќе од воочливи: свирепоста во елиминација на противникот, преку транзит на наркотици, па сѐ до нераскинливата врска помеѓу државата, полицијата, тајните служвби и криминалнците. Разликата е во бројот на настрадани.

Паралелата е во тоа што ниту кај нас државата нема да ја признае врската со криминалните групи, иако е повеќе од јасна директната врска на криминалните кланови и безбедносниот и судскиот апарат.

Таков е случајот и со групата на Вељко Беливук, попознат како Веља Невоља, уапсен пред две недели во првата акција од овој тип од 2012 година, поточно од денот кога Алексљандар Вучиќ и кадровите на Српската Напредна Странка станаа водечки луѓе на безбедносниот апарат во Србија и кога почна подемот на сега уапсениот Беливук и привилегиите кои ги уживал во државните структури. А тие привилегии се движеле во опсег од издавање на „регуларни пасоши“,  само на друго име, со оригинален извод од матичната книга на родени, па се до уништување на ДНК примероци од местото на убиството.

Апсењето на Вељко Беливук наречен Веља Невоља / Фото: Pedja Milosavljevic / AFP / Profimedia

 

 

Наместо откривање за поврзаноста на мафијата и државата, српските власти се определиле за друг вид на приказна: се тврди дека е разбиена „најмоќната криминална група“ која се споредува со „земунскиот клан“ и се прави паралела помеѓу председателот Вучиќ со премиерот Ѓинѓиќ.

Јавна преписка на Вучиќ со Стефановиќ

Пресметката со политичките и безбедносните помагачи на Беливук, засега се води само во медијски написи, но и со индиректни пораки кои раскараните страни – Вучиќ и Небојша Стефановиќ – ги праќаат едната на другиот.

Така, минатата недела е уапсен Илија Милачиќ, некогашен начелник на Управата на криминалистичката полиција на Белград. Милачиќ, полицаец со дискутабилно минато, важи за личност блиска до Стефановиќ, кој наводно на него наклонетите „објективни“ весници доставувал полициски податоци во реално време. Осомничен е за одавање на службена тајна и поради тоа е зад решетки. Таблоидите блиски на Вучиќ тврдат дека Милачиќ се гледал со Вељко Беливук на стадионот на Партизан, додека портали блиски на Драган Ѓилас објавуваат фотографија на која се Милачиќ заедно со Александар Папиќ, кумот на Небојша Стефановиќ, кого провладините медиуми минатата недела го обвинуваа за соработка со Беливук, без изнесување на конкретни докази кои можеби, всушност и ги има.

Стефановиќ засега на оваа сила не одговора со сила. Неговите весници праќаат пораки дека граѓаните на ЕУ сакаат лидер каков е Вучиќ, покажувајќи дека министерот за одбрана моментално повеќе определен за соработка со Вучиќ отколку за раскол, веројатно сметајќи дека не е најдобро време да возврати удар.

И не само што власта не покажува никаква намера да ги открие помагачите на Беливук во државните органи, туку не покажува ни намера да тргнат понатаму на вистинските шефови на хулиганско-криминалната група „Принципи“.

Српската полиција изврши рација на стадионот на ФК Партизан на 4 февруари 2021 при што беа уапсени 17 лица/ Фото: Pedja Milosavljevic / AFP / Profimedia

Групата на Беливук несомнено била исклучително опасна и силна, потсетувала на мексиканските „наркоси“, но немала централна улога во белградското подземје, како што сега се прикажува.Тоа може да се види по количеството на запленетиот кокаин и парите од Беливук и неговите соработници. Запленето е 100 грама кокаин и 60.000 евра, мошне сиромашен улов за група која безбедносните органи ја претставуваат како „најјака и најорганизирана во државата“. Во нарко – светот, инаку, одамна важи изреката „до кило – дилер, над кило – деловен партнер“.

Државните службеници, во главно, јавно ја споредуваат групата на Беливук со „земунскиот клан“ иако во документите на полицијата групата на Вељко Беливук важи за „пајсер бригада“ на „кавачкиот клан“. Екипа која служела за убиства, тргнување на незгодни противници и сведоци, присилна наплата на долгови, рекетирање и организирање на дилери на пониско ниво. Приватна армија која е одлична црвена марама за јавноста додека кланот се бави со ширење на бизнисот и влијанието.

Од еден прислушкуван разговор на Марко Андриќ Кузман, исто така осомничен член на групата, може точно да се утврди кој ги влече конците во српското подземје. Во разговорот емитуван на Пинк ТВ, во кој Андриќ ја чита преписката со Беливук за планирањето на ликвидацијата на Милан Љепоја (која службата не ја спречила, иако, по се судејќи, знаеле што се спрема), се слуша реченицата која најточно опишува кој навистина владее со криминалот во Србија. Андриќ вели за Љепоја дека дека е „поврзан со Црногорците, нема со кого друг, но сите во овој град се поврзани со онаа друга Црногорска страна“.

Црногорците се тие, впрочем, што го држат српското подземје и тоа е сега кристално јасно. „Црногорската мафија“ , инаку, некои поп листи во странските медиуми ја ставаат на 9 место  на најопасни криминални организации на светот, иако тешко би можело да се каже дека терминот „црногорска мафија“, најпрецизно ја дефинира криминалната организација која доаѓа од таа земја.

Европол тоа го дефинира како „Балкански картел“, поради учеството на државјани од сите националности од Балканот, иако е јасно дека главата на овој октопод е всушност во Црна Гора. Колку станува збор за опасна организација, покажува и тоа што Европол во секое полициско соопштение за заплена на кокаин и фаќањето на криумчари  од овие простори го завршува со следните зборови: „Оваа операција беше дел од пошироката европска стратегија против Балканскиот картел и неговите главни цели, а која вклучува органи на ЕУ за спроведување на законот, земји од Западен Балкан и Европол“.

Кога директорот на полиција живее во страв од мафијата

На јавноста и се познати два клана со потекло од Котор, кои денес водат војна до истребување ширум Европа, но под таа борба егзистира уште грото организации кои се меѓусебно поврзани, не само со деловни интереси ту и со роднински врски од родниот крај.

Во многу странски извори можат да се најдат податоци дека италијанската Камора, на пример, одбивала соработка со руски и украински мафијашки групи, а се врзувала со црногорските и албанските, баш поради структурата на тие групи кои се роднински и по потекло поврзани.Во такви организации предавството ретко се случува, а кога ќе се случи, сурово се казнува.

Впрочем, тоа предавство е причина за „шкаљарско-кавачката војна“, а не парите и кокаинот. Најчесто во тој контекст се спомнува приказната за исчезнување на 200 килограми кокаин во Валенсија, по што „которскиот клан“ се поделил на два дела, но зад таа приказна стои приказната за предавството.

Српската полиција на стадионот на ФК Партизан/ Фото: Pedja Milosavljevic / AFP / Profimedia

Бидејќи тие 200 килограми кокаин, на изворот чинат милион американски долари, ако се точни оперативните сознанијата на полицијата дека „Црногорците“, дрогата ја набавуваат во Јужна Америка по цена од 5000 долари за кило. Во исто време, за секоја ликвидација во конфликтот, а ги било повеќе од 50, се плаќаат енормни суми на пари: минатиот месец, да кажеме, излезе податок дека само ликвидација на Беливук и неговиот соработник Марко Миљковиќ во Црна гора е платена 1,2 милиони евра. Не е точно дека војната трае веќе 6 години поради милион долари, пари кои за овие два клана не се проблем. Во земја во која и понатаму постои крвна освета и во која оружјето е дел од фолклорот, пред сѐ, ќе биде дека причина за војна е  – предавство и извалкан образ.

Полицијата и разузнавачките служби знаат за кого работел Белувек и кои му биле конкуренти, само не покажуваат никаква амбиција да се пресметаат со нив. Така, пренесуваат извори, главните луѓе на „кавачкиот клан“ се наоѓаат на Врачар и ги води извесен Џони, додека главниот „шкаљарец“ е извесен Руњо. Но, за нив тешко ќе разберете од полициски акции. За Руњо е познато дека преживеал неколку атентати, додека за Џони нема никакви јавни податоци за преземени акции против него.

Впрочем, сета приказна за тоа како овие два клана не можат да бидат појаки од полицијата и за тоа како сите би требало да се чувствуваме безбедно „за разлика од некои минати времиња“ падна во вода минатиот викенд кога директорот на полицијата, Владимир Ребиќ гостуваше на ТВ Прва. Веројатно несвесен за тежината на своите зборови, директорот на полицијата изјави дека се плаши за безбедноста на своето семејство поради „медиумски наводи“ за наводната поврзаност со „кавачкиот клан“.

„Кога некој ќе напише дека сум помагал на „кавачкиот клан“ тој праќа директна порака на другиот клан дека сум јас крив за некое убиство“, рече директорот на полицијата.

И така, директорот на полицијата, задолжен за безбедноста на сите нас, водечката фигура на институцијата која ја предводи војната со криминалот , прати порака, веројатно ненамерно, дека никој не е сигурен. Бидејќи, доколку директорот на полицијата се плаши од една криминална група, што тогаш ние останатите граѓани треба да очекуваме? Дека истата таа полиција, со Ребиќ на чело, не заштити? Но, во тоа ни самиот Ребиќ не верува.

Како настана црногорската мафија

„Шкаљарците“ и „кавчаните“ се само последни во низот на криминалните групи со потекло од Црна гора а кои господарат со белградското подземје. „Црногорците“ се, всушност, во поинаква форма и со други луѓе , водечки играчи во Белград уште од деведесетите години на минатиот век, кога „браќата“ станаа „бизнисмени“.

Онаа изрека од почеток на текстот за мексичките „наркоси“ и победата кога единствената организација која може да те запре – работи за тебе, црногорските мафијаши одамна ја применуваат во пракса. Од прилика, тоа го сфатија во, исто време, кога и мексичките дилери почнаа да го сфаќаат значајот на нивната рута на пат од јужноамериканските одгледувачи на кога до пазарот во Соединетите Американски Држави. Втората сличност е во улогата на тајните служби. Во Мексико, никој не можел да се занимава со криминал, производство на марихуана или транспорт на кокаин а да немал поддршка на тајната служба ДФС. Во Црна гора, како и во Србија, секако тоа била УДБА.

Момир Булатовиќ, председателот на Црна Гора во деведесетите, во време кога криминалот почнал да цвета, ги опишал во својата книга „Правилата на молчењето“, како всушност настанала мафијата во таа земја – преку шверц на цигари.

Црна Гора санкциите најмногу ја погодиле, бидејќи нејзината економија била востановена на надворешната трговија, па било одлучено, Булатовиќ да ја преземе таа вина на себе, а дефицитот да се надомести со приходи од шверц.

ФК Партизан полиција рација веља невоља
Криминално дувло Фото: Pedja Milosavljevic / AFP / Profimedia

„На јавноста недоволно е познато дека првите чекори во оваа прекоморска илегална работа одамна се направени. Шверцот со цигари со брзи глисери преку Јадран, се одвивал уште во време на Титовата Југославија. Покровители тогаш биле тајните служби на давната и воената безбедност, а патиштата оделе преку Словенија и Хрватска. Станувало збор за далеку помал обем на „транзит“ но по исти правила. Глисерите биле пропуштани покрај нашите гранични служби за фиксен износ во девизи, однапред платен. Мотив за овие дејаниа се состоел од потребата на Службите да располагаат со пари кои не подлежат на било какви контроли и со кои можеле да бидат платени луѓе  за разни „договори за дело“ “, објасни Булатовиќ.

Тој понатаму наведува дека тоа го има слушнато од генералот Недељко Бошковиќ и неговите соработници од Воената безбедност ВЈ и преку него е остварена и првата врска со личноста која конкретната работа прва ја вовела во Црна гора – Вања Бокан.

Булатовиќ вели дека го одредил магистрот Милутин Мишко Лалиќ, директор на Агенцијата за странски вложувања да ја координира и надгледува оваа повеќе од деликатна работа. Кога видел што се случува, Лалиќ барал од Булатовиќ да биде ослободен од должност. Тогаш, пишува бившиот председател, се преминало во раце и контрола на Мило Ѓукановиќ, а Бар стана центар на шверцот.

„Уште требаше да се воспостави врска со италијанската страна, односно со нивните локални криминалци. Тоа беше најмалиот проблем. Тие буквално ја опседнувале црногорската влада.Се разбира, се претставуваа како пребогати бизнисмени и како луѓе кои сакаат да ви помогнат“ опишува Булатовиќ.

Секој од црногорската страна имал свој парнет од другата страна на јадранската обала. Можно е дека италијаните биле дел од тогаш некоја поголема целина, но како такви не се претставувале на овие простори. „Започна големата работа составена од многу учесници. Со време, во Црна Гора станале преку педесет авторизирани дилери на цигари. Ови работи влегле во доменот на „јавната тајна“. Брзите шверцерски глисери кои за само два часа можеле да го препловат Јадранското море, од граѓаните биле доживувани како оние кои носат пензии, плати, социјални примања.. И тогаш тоа беше голема вистина“ напиша Булатовиќ.

И така, од тие „авторизирани“, шверцери на цигари, практично , настана мафијата која денес господари со целиот Балкан и која има влијание кое се протега од Јужна Америка до Европа.

Како настанаа црногорските ,,наркоси“

Шверцот беше државна работа, но шверцерите не се ограничиле само на цигари, туку црногорските мафијаши во тоа време, користејќи ја државната инфраструктура (токму како и мексичките „наркоси“) започнале да се занимаваат и со кокаин. Недељник, да кажеме, имаше увид во полицискиот извештај од двеилјадитите, во времето на заедничката држава, во кој се набројани сите групи кои се занимавале со криумчарење на кокаин. Сите траги на тие групи воделе кон Црна Гора а забележан е и нивниот меѓународен карактер.

Така, да кажеме, се спомнува група „Америка“, чии членови ги карактеризира фактот дека повеќето од нив подолг период живееле во САД и дека имаат одлични контакти со колумбиските картели и италијанската мафија во Америка.

Се спомнува и кланот „Ајковиќи“ кои работеле на релацијата Ниш-рна Гора. Тој клан вниманието на Интерпол го привлекол во акцијата „White box“ на австријската полиција: во таа прилика е запленето 400 килограми кокаин, чиви нарачатели всушност биле „Ајковиќи“.

Се испоставило, судејќи спрема полициските архиви, дека „црногорците“ веќе тогаш го држеле пазарот на кокаин во Австралија. Таа група своите активности ги засноваше само на дистрибуција на кокаин и синтетички дроги преку Црна Гора за Австралија. Воглавно , ја сочинувале Албанци – католици а водач на групата бил Васо Улиќ од Подгорица. Улиќ е уапсен пред некоја година, во 2017, во Црна Гора. Признал шверц на кокаин во Австралија и осуден е на две години затвор.

Црногорските „наркоси“ во тоа време биле на ниво на шверц на неколку стотини килограми, всушност биле далеку помали од колку што се сега. Полицијата уште тогаш предупредуваше дека дека „криумчарењето на кокаин е релативно нова појава на нашите простори, барем во количеството на криумчарениот кокаин“. Воочена е појава, дека во текот на двеилјадитите, исклучително е зголемен бројот на лица кои се државјани на СЦГ, а кои се уапсени во земјите на Јужна Америка (Бразил, Аргентина, Перу, Еквадор, Колумбија, Венецуела).

Исто така, воочено е дека во тој период, во фаза кога биле курири, станале озбилни организатори (спремни во еден транспорт да криумчарат 200 – 400 килограми кокаин). Токму овој факт укажал на сериозноста на состојбите и финансиската моќ на поединци кои воглавном ,,заработените пари, ги инвестирале во купување на недвижнини и деловни објекти во земјата“.

Брод со кокаин избегал од полиција во воено пристаниште

Националното биро на Интерпол во Белград било партнер на многу странски полиции и благодарение на тоа, уапсено е повеќе од 50 личности низ светот кои се занимавале со шверц на кокаин. Меѓутоа, полицајците укажуваа дека со проблематиката со кокаинот не се занимава специјална служба, како во други земји,  каде постојат организирани форми кои се занимаваат исклучиво со кокаин.

За жал, предупредувањето на полицајците за тогашниот тренд и советите, не се послушани. Затоа денес имаме состојба во која финансиската моќ на многуте криминални групи го надминува , да кажеме, воениот буџет на Црна Гора, инаку членка на НАТО.

Во полициските архиви во кои имавме увид се покажува зошто, можеби, државата не можела посериозно да се занимава со оваа проблематика. И за тоа е посебно важен настанот од 2003 година кога постоеше податок дека „лицето Павличиќ Веселин во текот на 2003 година договорил купување на 4 тони кокаин од Јужна Америка за Црна Гора“.

Тогашната сојузна полиција имала податок дека кокаинот е сокриен во товар од банани и акцијата е организирана на денот кога бродот допловил во пристаништето Бар. Меѓутоа, кога полицајците пристигнале, кажува еден од учесниците на таа акција за Недељник, бродот веднаш исполовил,пред полицијата да влезе во него. Отпловил до военото пристаниште во Тиват. Така што полицијата дури не ни успеала да провери колку нивната информација била точна. Вистина, полицајците ниту тогаш не веруваа дека некој од овие простори е способен за криумчарење на толку големи количини на кокаин. Верувале дека на бродот се наоѓаат поголема количина кокаин, но четири тони – никако. Дури низ годините подоцна, кога е откриен сиот обем  на кланот на Дарко Шариќ , сфатиле дека можеби, информацијата за количеството на кокаин на тој број,  можеби и била точна. Самиот Павличиќ кој се спомнувал во овој извештај е уапсен 2015 година во Шпанија, поради шверц на три и пол тони на кокаин.

Шариќ, творец на независноста на ,,црногорската мафија“

Шариќ, велат, ја ,,донел независноста,, на црногорската мафија така што прв успеал да стапи во контакт со ,,првата рака,, на произведувачите на кокаин во Јужна Америка. Со конкурентни цени и завидна организација успеал да превземе добар дел од европскиот и африканскиот пазар. Пред Шариќ, да кажеме дека мафијата била зависна од италијанските мафијаши. Тоа се гледа од еден полициски извештај во кој се наведува дека криумчарите на на кокаин на овие простори биле зависни од италијанската „Коза ностра“. Така, во архивите постои документ, добиен од италијанската полиција, во кој се наведува дека „кумот на италијанската мафија за екс-Југославија е – Витераро Умберто“. Денес нема поблиски информации за него на интернет, но во званичниот допис од италијанската полиција се наведува дека Умберто одредил дека ,,Андрија Драшковиќ ќе ги преземе сите работи од Радојица Никчевиќ и Жељко Ражнатовиќ“.

Никчевиќ, инаку, е убиен во 1993 година, со потекло до Никшиќ – практично генерација со првата гарнитура на црногорски мафијаши, а за него се зборувало дека ги донел првите поголеми количества на кокаин во тогашната Југославија. За Никчевиќ се пишувало дека „лично го познавал Пабло Ескобар“ иако од овие документи се гледа дека тој работел за италијанската мафија која тука го носела кокаинот. По убиството на Никчевиќ, главен човек, се до смртта бил Жељко Ражнатовиќ Аркан.

Фото: Pedja Milosavljevic / AFP / Profimedia

Во секој случај, во безбедносните структури, Шариќ денес важи за како човек кој и ја „донел независноста“ на црногорската мафија. Кога Шариќ се појави во Белград, подземјето сѐ уште ги чувствуваше последиците на „Сабја“, па ниту еден од водачите на клановите не можел толку да зајакне за да носи титулата  „незваничен крал“ иако било многу такви претенденти. Во ситуација на озбилна организација (соработниците ги бирал од кругот на роднините и најблиските пријатели, често ги менувал луѓето задолжени за организација на набавка и испорака на кокаин и други работи) Шариќ набргу воспоставил контрола и над белградското подземје. Цената на кокаинот на пазарот нагло падна, а некако со тоа започна и серијата на крвави пресметки, воглавно со подметнување на експлозиви под автомобил.

Иако во српската полиција не се насетувала раширеноста на работите на Дарко Шариќ, во деловните кругови не било така. Неговото име се спомнувало во форма на прикриено сопствеништво: преку доверливи луѓе  кои до тогаш немале врска со криминалот, Шариќ започнал да вложува големи количества пари во Србија. Денеска се проценува дека вложил најмалку милијарда евра, а како последица на тоа била и ненормално високата  цена на недвижностите во Белград, слична на денешната.

Од извозник на безбедност до рај

Од тогаш, до денес, со белградското подземје владеат „Црногорци“. Единствено односот на полицијата и државните структури се менувал кон нив. Групата на Шариќ падна 2009 година по заплената на 2,1 тон на кокаин во меѓународни води во близина на Уругвај. Акцијата заеднички ја извеле српската БИА и американската ДЕА, со помош на приобалната стража на Уругвај.

Но , тие години тоа не беше единствен успех на српските безбедносни органи на полето на разбивање на кокаинот. Малку е познато, да кажеме, дека тогашната служба за борба со организираниот криминал (СБПОК) во акции ширум светот успеала да заплени повеќе од 1,3 тони кокаин од кокаинските „наркоси“од овие простори.

Станува збор за малку познатата операција „Нива“ која ја покренале 2008 година оперативците на СБПОК со цел за откривање на група која криумчарела кокаин  од земјите на Јужна Америка. Операцијата „Нива“ добила назив по теренското возило „Лада Нива“ кое инспекторите  задолжени за работа на случајот и покренувањето на акција – го користеле. Називот „Нива“ е даден и поради специфичноста на тоа теренско возило кое важи за бавно, но сигурно кое секогаш наспрема проблемите, секогаш стига до целта.

Кокаинот и парите во акцијата ,,Нива“, се запленувани во Амстердам, Антверпен, Малме, Равена, Венеција, Аргентина, Јужна Африка, Бразил и Полска. Србија тие години беше извозник на безбедност, а сѐ благодарејќи на БИА, СБПОК и националното биро на Интерпол. Тие години и многу криминалци со потекло од овие простори избегаа во Јужна Америка во страв од апсење во Србија. Таму со време ги прошириле контактите , па кокаинот можеле да го набавуваат значително поевтино од конкуренцијата.

ФК партизан стадион полиција
Фото: Pedja Milosavljevic / AFP / Profimedia

Со разбивање на групата на Дарко Шариќ и акцијата „Нива“, сепак не ги затвориле сите канали на кокаинската рута кои доаѓаат од Јужна Америка. Работата ја продолжиле поморците од Котор кои оперативно, тие години, го превезувале кокаинот до Европа.

Поморците со шверцот на кокаин и групата на Дарко Шариќ биле поврзани преку Родољуб Миша Радуловиќ и Драган Дудиќ Фриц. Шариќ и Радуловиќ во текот на 2010 година биле во бегство, а Дудиќ е убиен таа година во мај во центарот на Котор. Празното место на пазарот веднаш почнало да се чувствува , со што „котораните“ ги активирале порано стекнатите врски и контакти во Јужна Америка. Тогаш, всушност, почнува да делува единствениот „которски клан“ кој денес е одвоен на „шкаљарска“ и „кавачка“ група и кој го држи под контрола белградското подземје и приматот на пазарот на кокаин. Само што денес, за разлика од ситуацијата од пред десет години, директорот на полиција живее во страв од нив.

Преземено од печатеното издание на „Недељник“

Досие „Навивачи“: Мавај, снимај – Како падна Веља Невоља

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот