Досие „Навивачи“: Мавај, снимај – Како падна Веља Невоља

Фото: Pedja Milosavljevic / AFP / Profimedia

„Добар ден, добар ден, па киднапирање..“ Црно-белиот свет на Вељко Беливук, човекот кој со години уживаше привилегии на безбедносниот, полицискиот и судскиот систем

„…Ајде ти мавај, а ти снимај… Мавај, снимај, мавај, снимај…“

Секој клип што Вељко Беливук, попознат како Веља Невоља и неговата група ги поставуваа на Ју-тјуб, всушност, почнуваше со оваа реченица од филмот „До коска“.

Во исто време, на јужната трибина на стадионот на Партизан, започна да се појавува и транспарент со истата порака: „Мавај, снимај“…

Ретко кој го забележа тој детаљ на навивачките клипови и на трибината на стадионот, но дури сега, кога е откриено за што сè се сомничат Беливук и неговата екипа, може да се сфати сиот размер колку таа порака навестувала зло и колку има сличност со филмот што го опишуваше криминалот во деведесеттите.

Кога филмот го среќава животот

Беливук и неговите соучесници од пред десетина дена се сомничат дека своите жртви ги киднапирале, над нив се изживувале и ги снимале со мобилни телефони. Подоцна, тие снимки си ги праќале едни на други, но и на противниците, преку апликацијата „Скај“, исклучително популарна меѓу припадниците на организираните криминални групи ширум светот.

Веља Невоља ќе го издадат неговите: За убиствата и касапењата ќе сведочат блиски соработници кои се договораат со обвинителството

Репликата што ја користат Беливук и останатите – „Мавај, снимај“ – во филмот „До коска“ ја изговара Лазар Ристовски, во улога на криминалец од старата гарда, кого го кидапирале припадници на „младата гарда“.

Во овој момент, не може да се знае дали паралелите со филмот „До коска“ се чиста случајност или Беливук и неговите поданици биле толку убедени дека ништо не може да им се случи и дека во ваквата траорна порака никој нема да забележи ништо чудно. Но, факт е дека поради киднапирањата, убиствата и снимањата, пред десетина дена полицијата ги уапси членовите на криминално хулиганската група „Принципи“, која се криеше зад навивачките обележја на Партизан.

Всушност, ретко кој веруваше дека оваа група ќе биде тргната од улица и поради минатонеделното апсење треба да се оддаде признание на сите кои учествуваа во таа акција. На чело на групата беше Вељко Беливук, кој до некни ги уживаше сите привилегии од безбедносниот, полицискиот и судскиот систем до тоа ниво, што му се простуваа дури и убиства. Заедно со него е приведен и неговиот најблизок соработник Марко Миљковиќ – човек на кого во изминатиот период исто така му е простено убиство – а истрагата е подигната притив уште 20 личности за кои Обвинителството тврди дека биле членови на групата.

Тие имале и своја „куќа на ужасот“ што се наоѓа во белградската населба Ритопек и која служела за ликвидација на противниците. Нивниот модус операнди бил таков што жртвите, најпрво, ги намамувале на состанок, а потоа ги носеле во оваа куќа од која никогаш повеќе не излегле живи. За тоа што се случувало внатре, може само да се нагаѓа. Куќата, вели Обвинителството, била добро обезбедена со висока ограда и најсовремен видеонадзор.

Убиство за време на „војна против мафијата“

Приведените се сомничат за убиство на Миљан Лепоја од Ниш, член на криминалната група „Пинк пантери“, како и за ликвидација на двајца луѓе од навивачкото миље – Горан Величковиќ -Гокси, лидер на групата на навивачи „Јанг бојс“ на клубот Партизан, како и на истакнатиот навивач на Црвена ѕвезда од Котеж, Здравко Радојевиќ.

Две од трите ликвидации се случиле откако претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ѝ објави „војна на мафијата“ во октомври минатата година, кога јасно алудираше дека „војната“ се однесува на борба против групата на Беливук.

Спомнатиот Марко Љепоја, член на „Пинк пантер“ од Ниш, кој своевремено се најде на  потерница на Интерпол поради грабеж во Дубаи, е убиен на 9 декември 2020 година, месец и половина по „објавата на војната против мафијата“. Во барањето за спроведување на истрага се наведува дека тој бил намамен да дојде од Ниш, каде што живеел, во Белград. На паркингот во близина на автобуското депо на „Ласта“, на автопатот кон Ниш, во возило „пасат“ го дочекал осомничениот Дејан Тешиќ и го одвезол до куќата во Ритопек. Љепоја не излегол жив од куќата, а Обвинителството и полицијата тврдат дека трагите на злосторот се третирани со хемиски средства за да се отстранат материјалните докази. Снимката на која Љепоја доаѓа во Ритопек е емитувана минатата недела навечер на ТВ Пинк во емисијата „Хит твит“. На снимката се гледа дека вечерта пред злосторот, во куќата влегуваат Беливук и Миљковиќ, а дека на денот на злосторот Тешиќ ја довезува жртвата.

Но, снимката што требаше да послужи како пример за истрајноста на истрагата и ефикасноста на работата на државните служби, отвори повеќе прашања отколку што даде одговори.

Врз основа на емитуваната снимка се испостави дека српските истражни органи имале камера со висока резолуција што била насочена директно на влезот на „куќата на ужасот“ во Ритопек. Ако веќе имале камера и следеле што се случува, тогаш зошто не влегле внатре тој ден и не го спречиле убиството на Љепоја? Зошто не ги уапсиле осомничените на местото на настанот, во моменти на извршување на ова кривично дело? Или ако Беливук и Љепоја убаво разговарале, зошто полицијата не упаднала следниот или сите наредни денови, кога забележале дека еден човек не излегува од куќата? Во деновите потоа, материјалните докази, како што се трагите од крв и ДНК, се уништувани, а сето тоа можело на време да се спречи.

Будно следени

Зошто чекале два месеци, сè до пред две недели, да влезат во таа куќа, иако многу добро знаеле со што се занимава Беливук и неговата група?

Значи, го снимале со камера доведувањето на Љепоја, а со ниеден потег не реагирале. Кој не издал наредба за дејствување, а морал да го стори тоа?

Дека полицијата тие денови будно следела што работи Беливук и неговата група покажува и веста од 4 декември, во која се вели дека се уапсени тројца припадници од обезбедувањето на Вељко Беливук. Тие се приведени во близина на аеродромот откога го запреле комбето на фирмата „Виторог“ и го претепале возачот. Тоа се случило четири дена пред да биде убиен Љепоја.

Слична е ситуацијата и со убиството на навивачот на Црвена ѕвезда Здравко Радојевиќ. Тој исчезна отприлика во исто време кога и Љепоја, во екот на изјавите на државните функционери за „успесите во војната против мафијата“. Радојевиќ, во декември минатата година, на повик на осомничениот Немања Лакичевиќ, дошол до парикингот на „Ласта“ за да ги реши проблемите што ги имал со навивачите на Партизан. Него го дочекала, засега, непозната личност, која со возило „рено меган“ го превезла до спомнатата куќа во Ритопек. И Радојевиќ е убиен таму, судејќи по официјалните документи. Возилото на Радојевиќ, еден ден подоцна, било префрлено на друго место.

Не е познато дали доведувањето на Радојевиќ во Ритопек е документирано на сличен начин како во случајот на Љепоја.

Најави за убиства преку социјалните мрежи

Единственото убиство за кое се товари групата, а кое се случило далеку пред објавата на претседателот за „војна против мафијата“, е ликвидацијата на Горан Величковиќ Гокси. Според сомнежите на полицијата и Обвинителството, Величковиќ го намамиле да дојде до приватната клиника „Еуромедик“ во „Вишеградска“ улица во Белград на почетокот од август 2020 година. Тука влегол во автомобил „смарт“ што го возел осомничениот Вук Вучиниќ, еден од членовите на групата, и заминале до куќата во Ритопек, каде што Величковиќ е убиен.

Случајот на убиството на Величковиќ исто така отвора многу прашања. Одредени извори тврдат дека полицијата знаела во кој автомобил влегол Величковиќ, тоа, наводно, го покажала снимката од една од сигурностните камери. Сепак, полицијата не успеала од ланскиот август сè до пред две недели да го пронајде „смартот“ во кој е сопрен и уапсен Беливук. Тогаш, наводно, кај Беливук е пронајдена и човечка коска. Можно е дека оттогаш овој автомобил бил скриен и дека полицијата можеби можела да го пронајде и поврзе со групата на Беливук, но затоа други сознанија отвораат прашања за неактивноста на полицијата од денот на исчезнувањето на Величковиќ до сега.

Мноштво луѓе во Белград претпоставуваа кој стои зад нападот на Величковиќ и за тоа пишуваа во коментарите под веста за неговото исчезнување. Така, и денес можат да се најдат коментари под вестите што датираат од август, септември, октомври минатата година:

„Е, мој Миљковиќ, и со тебе наскоро ќе биде вака, запомни, полека ви истекува рокот, тик-так, тик-так.“

„Нешто сум убеден дека инспекторот Веља Невоља знае каде е односниот…“

„Која Невоља.“

„Можеби е во неволја.”

„Прашајте го Веља”…

За Беливук и за неговата екипа, тие денови се зборувало како за луѓе кои ги растуриле демонстрациите на граѓаните, незадоволни поради најавата на Вучиќ дека ќе воведе полициски час.

Она што е дополнително карактеристично во овој случај е што убиството на Величковиќ е практично најавено на Јутјуб. И сега постои видео кое го поставила групата на Вељко Беливук под наслов „Гокси јангер“, наизглед шегобиен клип, кој во денешен контекст може да се гледа сосема поинаку. Двајца полицајци разговараат пред полициски час, еден од нив пука во младо момче кое минува крај нив и на прашањето на другиот полицаец зошто го убил, овој одговара: „Знам каде живее, не би стигнал до 10.“

Клипот е закачен на крајот од март, во време кога е воведен полицискиот час во земјата и во време кога Величковиќ излегол од затвор.

Имајќи предвид дека истата група ја најавила и ликвидацијата на „Пинк пантерот“ Александар Шарац во октомври 2020 година, во трговскиот центар „Ушќе“, преку порака на Инстаграм, тогаш тешко може да се поверува во теоријата дека Јутјуб-клипот за Величковиќ е само навивачка шега.

Како ни се случи Невоља?

Точно 18 дерби натпревари помеѓу Партизан и Црвена ѕвезда во текот на седумте години траеше навивачката и криминална кариера на Веља Невоља. По 145-то дерби, на 2 ноември 2013 година, државата реши  да застане на пат на хулиганите, па во иновативниот пристап ја „презеде“ јужната трибина, за по 163-то дерби, на 18 октомври 2020 година, претседателот на Србија да реши да ѝ „објави војна на мафијата“, која, засега, подразбира само борба против криминално-хулиганската група „Принципи“.

Но, да тргнеме по ред. Фудбалското 145-то дерби е одиграно во сабота, на 2 ноември 2013 година. Резултатот и играта на тоа дерби никој не ги помни (со гуглање ќе се разбере дека било 1:0 за „Ѕвезда“), но тоа дерби го одбележаа крвавите инциденти помеѓу двете раскарани навивачки фракции од „Партизановата“ јужна трибина – „Забрањени“ и „Алкатраз“. На јужната трибина „гробарите“ разменуваа факели и петарди, а ги смири полицијата. Натпреварот е прекинат во второто полувреме на 10 минути. „Забрањени“ од источната трибина фрлаа факели на почетокот на второто полувреме, а оние од југ ги запалија столиците и навивачките реквизити, така што во моментот на прекинот, гореше на сите страни.

Инцидентот некако се смири, јавноста бурно реагираше, хулиганските испади на сите им дојдоа преку глава. Сличајност или не, еден ден по тоа белградско дерби, на северот на Косово се случија слични инциденти: сè уште „непознати“ хулигани го прекинаа гласањето на повеќето бирачки места во Северна Митровица, каде што главни противкандидати беа Оливер Ивановиќ и носителот на „Српската листа“, Крстомир Пантиќ. Многумина мислеа дека прекинот тој ден бил последица на фактот дека на Северот на Косово по прв пат според косовските закони се одржуваат избори за градоначалници, но денес многумина уверуваат дека хулиганите (за кои мнозина тврдеа дека се од Белград и дека подоцна се видени на навивачките трибини, а дека ги ангажирале личности кои денес претежно заработуваат на државни привилегии) ги растурија  кутиите баш на оние бирачки места на кои Ивановиќ имал апсолутна поддршка.

Во секој случај, по овие два инциденти, свикана е седница на Бирото за национална безбедност, чиј секретар тогаш бил потпретседателот на владата, Александар Вучиќ. Тој изјавил дека „многу бргу ќе уследи еден од најсилните удари против нарко-мафијата“.

„Силен удар би требало да претрпат дилерите на дрога, а особено оние на кои како параван за матни работни им служат навивачките групи… Граѓаните ќе бидат задоволни со резултатите“,  рече тогаш Вучиќ.

Полициско-навивачки коинциденции

Коинциденција или не, истата вечер кога е одржана седницата на Бирото за координација на службите за безбедност, на 8 ноември 2013 година, се случи круцијалната промена на „Партизановата“ трибина. Таа вечер се одигруваше кошаркарски натпревар од Евролигата помеѓу Партизан и Фенербахче, кој во навивачките кругови се прераскажува како точката на пресврт, бидејќи тогаш Александар Станковиќ, попознат како „Сале мутавиот“, и Вељко Беливук Невоља, ја преземаат трибината од Милош Радисављевиќ Кими и неговиот „Алкатраз“, кои долго време беа трн во очите на јавноста, пред сè поради инцидентите што ги предизвикуваа.

Пред тоа Станковиќ и Беливук биле на трибините како обезбедување на поедини лидери на навивачите на „Алкатраз“, а тогаш, одеднаш, се завртеле против нив и ги формирале „Јаничари“, група составена од бивши навивачи на Црвена ѕвезда, Рад и останатите навивачи. Иако малку кој би поверувал дека „Јаничарите“ сами го сфатиле значењето на пропагандата за ширење на лажни вести, всушност благодарејќи на тоа ја преземаа трибината – Кими го обвинија дека е коцкар и дека ги прокоцкал парите од картите за навивачите. Во текот на подоцнежните години, групата ќе демонстрира смисол за „фејк-њуз“, но на потполно монструозен начин. На пример, една своја жртва намамиле така што Беливук глумел дека е врзан за радијатор, а кога жртвата дошла на договореното место, членовите на групата ја измачувале жртвата и, судејќи по сè, ја убиле.

Само еден месец по преземање на трибините, во декември 2013 година, групата јавно демонстрираше авторитет кога среде ден го демолираше кафулето „Холивуд“ на Карабурма, во сопственост на Александар Вавиќ, еден од лидерите на „Алкатраз“. Колку биле сигурни во тоа дека никој ништо не им може, покажале со тоа што воопшто не воделе сметка за сигурносните камери што ги снимале во нивниот разурнувачки бес. Истата особина ја демонстрираа две години подоцна, кога Станковиќ и Беливук го претепаа Милош Вазура, припадникот на обезбедувањето на директорот на Партизан.

Пајсер-бригада на кавачкиот клан

Групата „Јаничари“ се сметаше за провладина. Станковиќ, Беливук и членовите на групата често беа водени во внатрешноста на Србија, секогаш кога се одржуваа локални избори. Многумина ги сметаа за одред за тормозење на избирачите. И не го правеа тоа само во Србија – за одредени членови на групата можат да се најдат вести дека се апсени во тек на локалните избори во Република Српска.

Привилегиите што таа група ги уживала се рефлектирале пред сè во тоа што им биле изрекувани минимални казни за потешки дела или експресно со нив била потпишана спогодба за признание на вина, а и во одлагањето на нивното одење во затвор по пресудите за поранешни кривични дела.

Посебна привилегија се огледала во тоа што, судејќи според сè, имале и полициски легитимации. Тоа е откриено во 2016 година кога кај сплавот „Ривер“ го претепале членот на „Шкаљарскиот клан“, Иван Павловиќ Икер. Во тоа време, членовите на групата на големо биле поврзани со „Кавачкиот  клан“ што го заврбувал Станковиќ, како што пишува во еден службен документ: „Најверојатно поради неговата поврзаност со овдешните полициски структури.“

Таа поврзаност се раскажувала во многу кругови, а се огледала во соработката со Ненад Вучковиќ, познат како Вучко, кој заедно со Станковиќ и Беливук бил еден од водачите на „Јаничари“, истовремено и припадник на Воената полиција. Таблоидните написи говореа за неговата поврзаност со Дејан Хркаловиќ, тогаш највлијателната личност во МВР на Србија, кој извршувал функција на секретар на Управата на криминалистичката полиција (УКП), која во последното време била во средиштето на јавноста поради аферата за наводно нелегално прислушување на претседателот Вучиќ.

Вучковиќ тие години бил преземен во МВР од Војската на Србија, а изворите тврдат дека било предлагано да се именува за заменик на командантот на Жандармеријата. На тоа се спротивставил тогашниот жандармериски командант Горан Драговиќ, кој набргу бил сменет од таа функција.

Вучковиќ прво бил примен во разузнувачкото одделение на Жандармеријата, што го водело досието наречено „Навивачи“, во кое се наброеани сознанијата за сите водачи и припадници на навивачките групи, но и за изворите на информациите. На тој начин, еден од водачите на навивачите добил прилика да дознае сè за своите конкуренти.

Напредување во службата

По смената на Драговиќ, Вучковиќ е именуван за советник на командантот на Жандармеријата, а денес, колку што се знае, тој нема толку допирни точки со Беливук и неговата екипа. На тогашните привилегии на Вучковиќ, Станковиќ и Беливук, укажувал и Воениот синдикат на Србија, кој своевремено поднел кривични пријави против одговорни лица од Војската на Србија затоа што од февруари до јуни 2016 година „на личности од криминогената структура познати како Вучко, Сале Мутави и Веља Невоља, им овозможиле во вонредно време да користат воено стрелиште, оружје и муниција“. Станува збор за стрелиштето во касарната на специјалната бригада „Растко Немањиќ“ во Панчево, што поради небезбедност и нефункционалност е затворено на почетокот на 2015 година. Пријавата е отфрлена.

Таа 2015 година, групата „Јаничари“ биле на својот врв. На стадионот дисциплинирале секого што ќе се одважел гласно да го навредува тогашниот премиер Вучиќ, додека на улица пренесувале ексклузивна стока со потекло од Колумбија. Станковиќ, како што пишува во еден службен документ, таа година соработувал со „Шкаљарскиот клан“, за подоцна да смени страна, за што, најверојатно, е и убиен.

Државата ѝ објави „војна на мафијата“, а всушност сета сила ја насочила кон „Шкаљарците“, занемарувајќи ги сите останати, исто така опасни криминални групи. Со ореол на „државен човек“, а со поддршка на „Кавачкиот клан“, Беливук лесно ја презеде заштитата на повеќето ноќни клубови и сплавови во Белград. Неговите луѓе и понатаму се видени на политичките и партиските собири, особено во тек на локалните избори.

Невоља доаѓа со државата

Убиството на Властимир Милошевиќ и пуштањето на Беливук и Миљковиќ на слобода по сомнителните наоди на вештакот од ДНК-примероците и приказната дека за 5.000 евра е можно да се отстрани ДНК пронајдена на место на злосторот (за што пишува во обвинението за Јовањица), само ги засили сомнежите дека Невоља доаѓа во пакет со државата. Таквиот впечаток го споделуваа и луѓето блиски до него, кои пренесуваа дека тој го уценувал МВР со приказната дека ќе открие дека го закопал оружјето во Јајинци, што подоцна е припишано на ривалската група, наводно за атентат на Вучиќ. Судејќи по однесувањето, Беливук по пуштањето на слобода се сметал толку заштитен, што се искарал и со другите „Јаничари“, кои ги избркал од трибините, а кои потоа мораа да ги гледаат дерби-натпреварите по кафулињата во српската престолнина.

Тој впечаток траеше сè додека не се случи последното „вечно дерби“ на стадионот на Партизан, 163-то по ред. Резултатот од тој меч треба повторно да се бара преку Гугл, но она што е најбитно е пишувањето на режимските таблоиди за однесувањето на Беливук во свечената ложа. Таму, наводно, им се заканувал на играчите на Црвена ѕвезда и на судиите, а се тврди дека имал и низа навреди кон претседателот на Србија, кого го обвинувал за „судискиот грабеж“ на сметка на фудбалерите на Партизан.

Во ложата на стадионот тогаш беше и директорот на полицијата Владимир Ребиќ, кој не беше на конференцијата за медиуми пред десетина дена, кога министерот за внатрешни работи Вулин ги објавуваше големите резултати од големата акција. За мистериозните изчезнувања и монструозните снимки веќе се знаеше, и тоа не само во добро информираните кругови, како што порано рековме, туку и во коментарите под медиумските вести. Но, тоа не беше доволен аларм за објавување војна.

Од последните апсења, не престануваат споредбите на групата „Принципи“, со некогашниот „Земунски клан“ и тие споредби се потполно на место. И едните и другите имале државна поддршка за валканите работи: „Земунците“ имале одврзани раце да го исчистат подземјето во деведесеттите, додека Беливук и неговата група имаа задача да ја стават навивачката сцена под контрола. И едните и другите имаа службени значки. И едните и другите имаа минато на ситни криминалци, кои благодарение на државните привилегии бргу стекнале богатство. И едните и другите поради тоа се осилија и помислија дека се посилни од државата.

Разликата е во тоа што „Земунците“ имаа своја „Пајсер бригада“, а Беливук и неговата група беа „Пајсер бригада“ на „Кавачкиот клан“.

Како Вулин му стави на Вучиќ мета на чело

Со паралелата помеѓу „Земунците“ и членовите на „Принципи“, режимот се обидува да направи споредба помеѓу Александар Вучиќ и Зоран Ѓинѓиќ и неговиот атентат на 12 март 2003 година. Затоа е искористен фактот што во бункерот на стадионот на Партизан е пронајдена „пушка со придушувач“, како што наведува Обвинителството, или „снајперска пушка“, како што изјавуваат функционерите како Александар Вулин, кој рече дека „снајперот не се користи во мафијашки пресметки“ (а, се користи – заб. на авт.)

Во понатамошната верзија на овој настан, се сугерира дека групата на Беливук планирала убиство на Александар Вучиќ, па поради тоа била зголемена внимателноста за време на откривањето на споменикот на Стефан Немања на 27 јануари годинава. Се тврди дека претседателот „таа вечер одбил да носи панцир“. Како доказ, понудена е снимка на која се гледа дека групата на Беливук пука од пушка во некоја шума и дека ангажирале снајперист со искуство од боиштата од деведесеттите да ги обучува. Навистина, пронајден е полигонот во шумата кај Банатски Брестовац каде што се вежбало пукањето.

Вулин и неговите соработници не открија ни еден опиплив доказ или изјава на некој сведок, а факт е дека на денот кога споменикот на Стефан Немања беше откриен во Белград, Вељко Беливук бил во Црна Гора кај водачот на „Кавачкиот клан“ Радоје Звицер, под надзор на тамошната тајна служба. Се вратил дури два дена подоцна, кога е и уапсен на белградскиот аеродром, па потоа пуштен. Српски Телеграф објави дека тоа било сторено со цел БИА да го озвучи неговиот автомобил.

Без разлика на сите дилеми и сомнежи во ова сценарио, безбедносните служби треба да бидат пофалени поради зголемувањето на мерките за безбедност за претседателот. Бидејќи, такви нешта никогаш не треба се сфатат несериозно.

А секоја паралела помеѓу Ѓинѓиќ и Вучиќ би престанала оној момент кога Вулин изјави: „Со моето убиство би се добиле пет-шест дена парализирање на МВР, додека Собранието не избере нов министер и борбата би продолжила. Но, убиството на претседателот Вучиќ би предизвикало длабока политичка нестабилност во нашата земја и тоа би бил единствен начин да се запре борбата против организираниот криминал и мафијата.“

Ѓинѓиќ, пак, по обидот за негов атентат кај халата Лимес, изјави: „Ако некој мисли дека ќе го запре спроведувањето на законот со тоа што мене ќе ме тргне, тогаш сигурно се мами, бидејќи јас не сум системот.“

Јасно е, всушност, дека паралелата помеѓу Вучиќ и Ѓинѓиќ не постои. Ѓинѓиќ веруваше во систем, додека Вулин гради култ на личност на Вучиќ, а истовремено, веројатно не разбирајќи ја тежината на своите зборови, става мета на челото на претседателот со порака дека само неговото убиство може да ја запре борбата против криминалот.

Удар на Небојша Стефановиќ

Апсењето на групата на Вељко Беливук е, секако, најголемиот успех на власта на Александар Вучиќ досега, иако, всушност, токму во нивно време групата нарасна до огромни размери.

Од друга страна, она што е видливо е фактот дека во минатонеделното апсење не е допрен никој кој пружал поддршка на оваа група од институциите на системот или од политичката сцена. За контактите на групата на Беливук има повеќе јавно достапни податоци. На пример, во она воено стрелиште, со Вучковиќ, Станковиќ и Беливук наводно бил и Новак Недиќ, генералниот секретар на Владата на Србија. Недиќ со истата група своевремено го имаа поврзувано и Милорад Вучелиќ, претседателот на „Партизан“, кој во 2016 година изјави дека генералниот секретар на владата од Вучковиќ и хулиганите барал да ги гаѓаат со јајца членовите од управата на клубот.

Потпретседателот на Партизан, Владимир Вулетиќ изјави дека хулиганите го узурпирале тој дел до стадионот и дека тоа не е прашање за ФК Партизан, туку за целото Спортско друштво „Партизан“ кое е надлежно за просториите. Само што, во изјавата не појасни дека ист човек е претседател и на Клубот и Друштвото „Партизан“ – Милорад Вучелиќ.

Ништо од тоа не се спомува во јавноста. А разгорена е вистинска војна, чија мета е Небојша Стефановиќ, актуелниот министер за обрана и бивш министер за внатрешни работи.

Слабоизвестените, опозициски насочени аналитичари тврдат, инаку, дека Стефановиќ е повторно „во милост“ кај Вучиќ, бидејќи претседателот се појавува на настани на Министерството за одбрана. Но, сите останати настани на пониско ниво укажуваат на спротивното.

ТВ Пинк, на пример, минатата недела ја емитуваше снимката на прислушуваниот разговор на кој се слуша како Беливук вели дека ќе замине кај Мијаиловиќ во фирма и дека ќе му земе 20 возила од марката „ренџ ровер“, чија вредност надминува два милиони евра.

Порталот 24/7, за кој се тврди дека е близок со „напредњакот“ Остоја Мијаиловиќ, увозникот на „Бритиш моторс“ и председател на кошаркарскиот клуб Партизан, објави кој е налогодавецот на тоа рекетирање. Наводно, зад тоа стои бизнисменот Александар Папиќ, чии бизниси процветале за време на власта на „напредњаците“, а чија најважна ставка во биографијата е – кум на Небојша Стефановиќ. Родениот брат на Александар е Горан Папиќ, бивш заменик на началник на Службата за безбедност, за кого се тврди дека имал најголема моќ по заминувањето на Дејан Хркаловиќ од МВР. Горан Папиќ на јавноста ѝ е познат по инцидентот на Вождовац кога претепал еден човек. Александар Вучиќ тогаш го бранеше со зборовите дека на Папиќ му се одмаздуваат поради апсењето на братот на кошаркарките Милица и Ана Дабовиќ, кои се преносно  во врска со Ѓилас.

„Вечерње новости“, пак, чиј главен уредник е Милорад Вучелиќ, неколку дена пред оваа приказна  објави дека се истражува Горан Папиќ поради врските со Беливук. Така, медиумите под контрола на двајцата претседатели на Партизан на растојание од само неколку дена обвинуваат двајца кумови на Стефановиќ за поврзаност со мафијата.

Тивка војна кај „напредњаците“

Всушност, иронијата е дека Стефановиќ морал во понеделникот, по седницата на Советот за национална безбедност, да соопшти, со видлива кнедла во грлото, дека државата ќе ги испита сите врски на Беливук во државата.

Досегашната поврзаност на Стефановиќ, Мијаиловиќ и браќата Папиќ укажуваат дека помеѓу „напредњаците“ се одвива пресметка од далеку поголеми размери, од колку што тоа јавно изгледа. На пример, Остоја Мијаиловиќ е дел на некој чуден договор, со кој МВР, кој тогаш го водеше Стефановиќ, добива „ренџ ровери“, а третата страна во тој договор , фирмата ГИМ, поврзана со таткото на Стефановиќ, добила оружје и муниција од МВР.  

Понатаму, Александар Папиќ бил и самиот добро поврзан со Мијаиловиќ преку КК Партизан, судејќи по пишувањето на неделникот „Експрес“, кој е во сопственост на кумот на Вучиќ, Горан Веселиновиќ. Во екот на приказната за судирот помеѓу Вучиќ и Стефановиќ, овој весник објави неколку продолженија за кумот на Стефановиќ. Во едно од тие продолженија во кои се наброени разни малверзации, се наведува дека Папиќ го платил приватниот авион со кој тој и Мијаиловиќ го донеле тренерот на Бреша, Андреа Транкиери, да потпише за Партизан.

Стефановиќ во овој случај е лесна мета. Вучиќ, во случај да се одлучи на финална пресметка, лесно ќе може да ја докаже тезата дека МВР со години не работело ништо во случајот на Беливук и неговата група. И сето тоа би можело убаво да се проголта, повторно да не се истрчаше Александар Вулин кога кажа: „Од кога наложи претседателот, Обвинителството и МВР за сто дена го растурија криминалот!”

Повторно, во желба да го пофали претседателот и да придонесе за градењето на култот на личноста, Вулин даде „шлагворт“ за прашањето: „Доколку претседателот наложил војна, зошто тоа не го сторил порано?“

Во Србија сега има шест криминални групи. Како што Беливук во една од снимките вели, сите работат за „Црногорците“, само е прашање за кои. Затоа, прашањето е  дали „војната на Вучиќ протива мафијата“ е завршена?

Текстот од „Недељник“ –  Белград, е објавен во викенд-изданието на дневниот весник „Слободен печат“ (20-21 февруари) во прилогот СП. неделник. 

Вучиќ: Денешната полициска акција е голем удар за мафијата и организираниот криминал

Мафијашки пресметки во Црна Гора: Ќе го разнеселе со 3,2 килограми пластичен експлозив

Вучиќ: Криминалната група околу Беливук беше ужасно силен огранок на мафијашкиот клан од Црна Гора

ВИДЕО: Ќе откриеме кој од полицијата соработувал со Беливук, по објавата на видеото како српскиот мафијаш вежба со снајпер со поранешен специјалец

Наркотици на стадионот, илјадници евра во домот: Откриено што му одзема полицијата на Вељко Беливук

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот