Адвокатот на граѓаните десеткуван пред избори
Тоа што во моментов нема избран Народен правобранител и бројот на неговите заменици е сведен на минимум ја ослабува институцијата во најважниот дел, а тоа е нејзината улога да реагира по службена должност. Со тоа не само што одговорите кон граѓаните ќе доаѓаат побавно, туку и се губи можноста институцијата навремено да реагира во ситуации каде жртвите немаат сила сами да се борат, вели за „Слободен печат“ Маја Атанасова од Македонско здружение на млади правници
Собранието не само што не избра народен правобранител и најверојатно нема ни да избере до завршувањето на изборите, туку институцијата која треба да биде адвокат на граѓаните и да ја следи евентуалната злоупотреба на избирачкото право, од 26 август останува само со двајца заменици. Едниот, заменикот Илбер Руфати од Кичево, е потписникот наместо народниот правобранител. Заменик народниот правобранител од Битола на крајот на август оди во пензија, па „на должност“ остануваат само Руфати и заменик правобранителот од Канцеларијата Скопје, Соња Трифуновска.
Препорачано
Народниот правобранител не беше избран, затоа што власта не можеше да обезбеди „бадентерово мнозинство“ за да го изгласа во Собранието. Во ваква ситуација, институцијата омбдусман ја губи можноста навремено да реагира во ситуации кога „жртвите“ немаат сила сами да се борат, анализираат експертите.
– Тоа што во моментов нема избран Народен правобранител и бројот на неговите заменици е сведен на минимум ја ослабува институцијата во најважниот дел, а тоа е нејзината улога да реагира по службена должност, да превенира повреди на правата и да ја користи целата палета на механизми што законот ѝ ги дава: од заштита на децата и лицата со попреченост, преку спречување тортура и дискриминација, до ненајавени посети и иницијативи пред Уставен суд или Собрание. Со тоа не само што одговорите кон граѓаните ќе доаѓаат побавно, туку и се губи можноста институцијата навремено да реагира во ситуации каде жртвите немаат сила сами да се борат. Сепак, би сакале да ги охрабриме граѓаните да продолжат да поднесуваат претставки, бидејќи токму нивните случаи се најсилниот потсетник дека Собранието мора без одлагање да ја врати оваа институција во целосна функција – вели за „Слободен печат“ Маја Атанасова од Македонско здружение на млади правници.
Кандидатот Фатон Сељами не стаса до „пленарка“
Последниот народен правобранител Насер Зибери замина во пензија на 12 јули, и иако навремено ги извести пратениците дека му завршува мандатот, сепак, владејачката Влен успеа само да го истурка својот кандидат Фатон Сељами до собраниската Комисија за прашања на избори и именувања, но тој не стаса и до пленарна седница.
Иако собранискиот спикер убедуваше дека ако се соберат гласови може и пред избори да се изврши изборот на омбудсман, сепак пратениците пред одморите на пленарна седница имаа неуспешен обид да обезбедат мнозинство гласови, односно „голем Бадентер“.
Зибери откако замина од институцијата вели дека „ни тој не знае како ќе функционира сега, затоа што речиси институцијата е преполовена“.
– Двајца заменици останаа, на другите им истече мандатот, а нови заменици не се избрани. Собранието не успеа тоа да го изведе, зашто немаат „Бадентер“. Како ќе функционираат, искрено да ви кажам, не знам ни јас како ќе се постапи. Прво кадровски, тешко дека може да се покрие институцијата, да не речам дека е преполовена, има голем недостиг на службеници, притоа нема ни прв човек, а нема заменици за да ја организираат работата. Уште потешко е што за многу работи одлучува правобранителот, бидејќи правобранителот е инокосен орган. Целата служба постапува во име на правобранителот, на документите стои народен правобранител, тој не е колективно тело или орган. Јас укажав навреме што ќе се случи. Јас затоа инсистирав да се смени Законот. Во Законот стојат услови под кои престанува мандатот и еден од условите е исполнување на старосната граница од 64 години. Јас затоа инсистирав да се смени Законот. За жал, тоа не се случи, не донесоа ни друга одлука за продолжување на мандатот и по исполнување на 64 години, согласно новите измени на Законот за работни односи. Имаше таква можност, ни тоа не го направија – изјави Зибери за „Слободен печат“.
Се предупредувало одамна
Собранието, всушност, не „мрднало со прст“ да ја зајакне институцијата, особено сега пред избори, кога постои опасност од злоупотреба на избирачкото право.
Сепак, од Канцеларијата на народниот правобранител велат дека за претстојните локални избори ќе функционираат како и за сите други – ќе има бесплатна телефонска линија на која граѓаните може да пријават каква било повреда на избирачкото право и секој граѓанин ќе има можност да се обрати лично во скопската, но и регионалните канцеларии, односно ќе има дежурства како и секоја година.
Зибери оваа состојба ја констатирал и во годишниот извештај за работата на Народниот правобранител за 2024 година.
„Во институцијата останаа празни седум заменички места (по едно во подрачните канцеларии во Штип, Струмица, Тетово и Куманово и три во канцеларијата во Скопје), а кои, како поради неусогласеноста во Собранието за нивниот избор, така и поради одржување на изборите, не успеаја да се пополнат. Парламентот не ги донесе ниту долгочекуваните измени и дополнувања на Законот за народниот правобранител, кои одеа во насока на подобрување на статусот на вработените, финансиската независност и ставање во законска рамка на мандатите кои со години се вршат само со заклучок на Влада. Не се создадоа ниту предуслови за доекипирање на механизмот за граѓанска контрола над полицијата и затворската полиција. Имено, иако беа избрани трите невладини здруженија кои делегираа свои претставници во механизмот, сепак, поради финансиските проблеми – необезбедените средства за надомест за нивното ангажирање – тие не се приклучија во работата на овој механизам“, пишува Зибери во неговото обраќање.
„Големиот Бадентер“ кој го нема власта зависи од 18-те пратеници што се дел од Европскиот фронт на ДУИ, или евентуално да се обезбеди со помоѓ ма гласовите на пратеници на Алијансата за Албанците на Арбен Таравари кој неодамна излезе од Влен, но и со тие од СДСМ и од Левица, кои заедно имаат седум пратеници од помалите заедници. Но ова е речиси невозможно. Од вкупно 120 пратеници, 39 припаѓаат на немнозинските заедници,. ВМРО-ДПМНЕ и Влен заедно имаат 14 пратеници од малцинствата, односно им недостигаат шест за да го имаат потребното мнозинство за да се изгласа новиот правобранител, а и некои други законски измени.
ДУИ веќе се изјасни дека нема да го поддржи предлогот на Вреди за народен правобранител.


