Адвокатите во „Пулс“ бараат спојување на најголемиот предмет за трагедијата со предметот за полицајците – Судот го одби барањето
Сите адвокати на обвинетите во судењето за случајот „Пулс“ побараа спојување на овој најголем предмет за трагедијата во Кочани, со предметот против 13-те полициски службеници што се обвинети за исто кривично дело. Судечкиот совет се повлече и донесе одлука да не го прифати барањето и да продолжи со предметот во кој им се суди на 35 физички и три правни лица.
Препорачано
Аргументите на одбраната за барањето се за економичност и целеисходност на постапката, но и да се донесе една одлука за исти кривични дела. Прва со вакво барање излезе адвокатката на сопственикот на „Пулс“ – Дејан Јованов Деко, Ивана Коцевска.
– Одбраната предлага спојување на овој кривичен предмет со кривичниот предмет за кој е поднесен обвинителен акт против 13 полицајци како соизвршители за истото кривично дело – рече Коцевска.
Таа рече дека ова го бара и за да се донесе една пресуда за две различни постапки.
Адвокатот на еден од обвинетите, Петре Шилегов, кажа дека не може да се водат две постапки за едно дело. Обвинителите рекоа дека не може да се спојат постапккте затоа што тие не се надлежни во делот на полицајците. Сепак Судот го одби барањето.
-Советот донесе решение дека не се прифаќа предлогот на бранителот на првообвинетиот и на сите останати бранители на обвинети. Имајќи ја предвид фазата во која се наоѓа оваа постапка во фаза на доказна постапка и другите постапки поднесени од ОЈОГОКК каде што вкупно има 25 обвинети и едниот е во завршна фаза. Во таков случај евентуално спојување би довело до одолговлекување на тие и оваа постапка спротивно на начелото на економичност и целеисходност на постапката и неоправдано одолговлекивање – рече судијката.
Откако Обвинителсството за гонење на организиран криминал поднесе обвинение за 13 полицајци за тешки дела против безбедноста, одбраната почна да поднесува иницијативи за да се преиспита обвинението и за овој предмет каде што сите се гонат за најтешкото кривично дело. Обвинителството уште се нема изјаснато за овие иницијативи.


