Адем Чучуљ / фото: Независен / скриншот

Адем Чучуљ едногласно изгласан за нов претседател на ДКСК

Собранието на денешната седница го избра Адем Чучуљ за нов претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Од вкупно 82 пратеници кои гласаа, Чучуљ доби едногласна поддршка со 82 гласа.

Пратеникот Ѓорѓија Сајкоски од ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи ги колегите да го поддржат кандидатот, истакна дека „Чучуљ навистина може да ги зајакне капацитетите и репутацијата на ДКСК“.

Чучуљ е дипломиран правник со положен правосуден испит и актуелен генерален секретар на Комисијата, каде што работи веќе 19 години. Тој доби највисоки оценки од Комисијата за селекција на кандидатите – 96,5 бодови. Според оценката, Чучуљ покажал значајно искуство во спречување на корупцијата и судирот на интереси, како и јасна визија и конкретен план за работата и развојот на ДКСК.

Огласот за избор на нов претседател беше објавен уште летово, но постапката беше прекината поради локалните избори. Од вкупно 13 пријавени кандидати, селектирани беа 10.

Тој доаѓа на местото на Татјана Димитровска, која поднесе оставка поради обвиненија во случајот „Адитив“ за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат.

Претходно, по усвојувањето на дневниот ред, Собранието на денешната седница ги избра Ана Тромбева Гавриловска, Марко Спасов, Мурат Алиу, Бертон Сулејмани, Агим Хазири и Никица Мојсоска Блажевски за членови на Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност. Исто така, беше донесена одлука за објавување јавен оглас за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Седницата продолжи со расправа по предлог на одлука за основање на Анкетна комисија за утврдување на околностите во постапувањето на институциите за трагедиите и несреќите во Република Северна Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот