„АББА“ слави 50 години од победата на Евровизија: Тешко е да се сфати дека помина толку многу

Фото: Olle LINDEBORG / AFP / Profimedia

Шведската група „АББА“, основана во 1972 година од Бени Андерсон, Бјорн Улвеус, Ани-Фрид Лингстад ​​и Агнета Фелцког, победи на Евровизија во април 1974 година со песната „Waterloo“.

По повод 50-годишнината од победата на најпознатото музичко натпреварување, групата се огласи на својот инстаграм-профил. Тие објавија фотографија од Евровизија и им се заблагодарија на своите обожаватели за долгогодишната поддршка.

„Малку е вртоглаво да се мисли дека милиони од вас, кои нè гледаа за првпат во финалето на Евровизија во 1974 година, ја пренесоа нашата музика не на една, туку на неколку генерации. Доказ за тоа гледаме секој пат кога еден од нас го посетува ‘Abba Voyage’ во Лондон и затоа можеме да ја прославиме 50-годишнината од тој настан знаејќи дека нашите песни сè уште одекнуваат низ целиот свет“, напишаа тие во заедничката изјава.

Фото: Instagram / ABBA

„Тешко е да се сфати дека поминаа 50 години откако ние четворицата ги чекавме пресудите на жирито ширум Европа во Брајтон. А кои беа нашите соништа за време на тие напнати моменти и хаос по победата? Четири различни соништа, без сомнение, но какви и да беа, колку и да беа величествени, реалноста ги надмина, тоа е сигурно“, додаваат тие.

Фото: Instagram / ABBA

„Многу од вас беа со нас од самиот почеток и не следат оттогаш, повеќе од половина век. Музиката што ја откривате и ја сакате додека растете останува со вас засекогаш. Ние го споделуваме тоа искуство со вас и фактот дека нашата музика останува во вашите животи е прекрасна работа“, велат тие.

Фото: Instagram / ABBA

Тие им се заблагодарија на сите обожаватели ширум светот.

Фото: Instagram / ABBA

„Со текот на годините бевме благословени со вашата љубов. Сакаме да ви кажеме благодарам за она што ни го давате. Ова е среќен и свечен момент во исто време и можеме само да се надеваме дека разбирате колку длабоко сме благодарни за долга, успешна кариера и вашата непоколеблива лојалност и поддршка низ годините…Ви благодариме“, заклучија тие.

Фото: Instagram / ABBA

Прославата по повод половина век од победата на „АББА“ на Евровизија, е одбележана и во Шведска, каде во саботата во ударниот термин на телевизија се прикажа документарен филм посветен на групата, а тој документарен филм, напиша „Еуровижн ворлд“, ќе биде прикажан уште во 15 други европски земји до официјалното одржување на Евровизија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот