ФОТО: 18 години од хеликоптерската несреќа во Катлановско Блаце
Во Катланово денеска беше одбележана 18-годишнината од хеликоптерската несреќа во која загинаа единаесет припадници од составот на воздухопловниот ВИНГ, кои се враќаа од мировната мисија „Алтеа“ во Босна и Херцеговина.
Препорачано
Делегација од Министерство за одбрана и Генералштабот на Армијата, составена од министерот за одбрана, Владо Мисајловски, и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, положи цвеќе на спомен-обележјето во Катлановско Блаце.

„Нивната мисија беше благородна – мисија на мир, стабилност и посветеност кон регионалниот мир, стабилност и безбедност. Се поклонуваме пред нивната жртва која не е и никогаш нема да биде заборавена. Нивните имиња, нивната мисија и нивното дело остануваат трајно врежани во нашата колективна меморија, во историјата и честа на нашата татковина. Нека им е вечна слава!“ напиша Мисајловски на Фејсбук.

Претходно припадници на воздухопловниот ВИНГ положија цвеќе и на спомен-обележјето пред командата во касарната „НХ Страшо Пинџур“ во Петровец.

Во хеликоптерската несреќа, пред 18 години, враќајќи се од мировната мисија „Алтеа“, трагично ги изгубија животите потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, наредниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ и Александар Тасковски, водниците Мики Ивановски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељаноски.


