„Украина-година на хероизмот“ – руската агресија го промени светскиот поредок

Лариса Дир, амбасадорка на Украина во Македонија

Единствената причина за оваа неиспровоцирана агресија беа неоимперијалистичките амбиции на руската држава и нејзиното највосоко раководство, а рускиот претседател направи фатална грешка, вели украинската амбасадорка во земјава Лариса Дир.

Во четири часот наутро на 24 февруари, 2022 година, светот се промени не само за Украинците – туку се промени воопшто и светскиот поредок. За Украинците, светскиот поредок се промени во најбруталниот можен начин – со руски ракети и ирански дронови, воени злосторства и злосторства против човештвото кои ги вршеа и сé уште ги вршат руските окупатори, рече украинската амбасадорка во земјава Лариса Дир на денешната конференција „Украина-година на хероизмот“ во организација на „Цивил“, а на која беше промовирана и истоимената книга.

На конференцијата на која учествуваа претседателот Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери, вицепремиерот Бојан Маричиќ, министерката Славјанка Петровска и повеќе странски амбасадори, беше дадена огромна поддршка за Украина.

Амбасадорката Дир кажа дека украинските бранители ја имаат силата на духот што принуди многумина во светот да ги преиспитаат заедничките вредности во целина. Според неа, единствената причина за оваа неиспровоцирана агресија беа неоимперијалистичките амбиции на руската држава и нејзиното највосоко раководство, а рускиот претседател направи фатална грешка.

– Во реалноста, Украина не само што ја запре инвазијата, туку успеа и да ослободи скоро половина од нејзините новоокупирани територии преку успешни контранапади. Компонентата што Руската федерација, како терористичка земја, не ја зеде предвид е украинскиот отпор, што има историја на многу генерации, изјави Дир.

Според претседателот на Цивил, Џабир Дерала, рускиот напад требаше да биде неколкудневна „прошетка“ по која цела Украина требаше да падне под руска чизма. Но, рече тој, Украина стои, демократијата стои, борбата за слобода продолжува, по цена на неизмерни жртви.

Претседателот Пендаровски порача дека ниту една агресија не може да биде оправдана, независно дали ги следите академските дефиниции или реалниот живот.

– Не постои никаков сомнеж дека рускиот напад врз Украина претставува директно кршење на меѓународниот поредок и системот на безбедносна архитектура кој требаше да овозможи траен мир, стабилност и просперитет во Европа по завршувањето на Студената војна. Русија ги прекрши сите меѓународни правни акти во тој контекст и во текот на изминатата година, нејзините војници извршија грозоморни злосторства врз многубројни украински цивили, акти несвојствени за една цивилизирана држава, рече Пендаровски.

Но, како што додаде, украинската храброст потврдува дека оружјето на агресорот не е посилно од вербата во слобода.

Претседателот на Собранието, Џафери, кој беше првиот спикер од регионот кој ја посети Украина, во своето обраќање истакна дека никој не мислеше дека овој конфликт ќе трае долго и затоа, сите заедно, онолку колку можеме, онака како можеме даваме поддршка за Украина и украинскиот народ.

– Со оглед на моето воено минато, човек би рекол дека ништо не може да ме изненади. Меѓутоа, не е така. Човек никогаш не може да биде доволно подготвен за суровоста на другиот човек, рече Џафери и порача „да не дозволиме да се претвори сè во пепел, премногу сме вложиле и сме жртвувале, ние, нашите предци, нивните предци. Злото многу брзо може да затропа на сечија врата, затоа што на овој или на оној начин, ефектот се рефлектира на сиот свет, без разлика“.

Вицепремиерот Маричиќ, говорејќи дека никој не очекуваше дека во 21 век ќе треба да бираме страна и ќе треба да застанеме во одбрана на суверинитетот на некоја европска држава, во одбрана на европските вредности, во одбрана на базичките човекови права кажа дека „Украина е единствена земја што жртвуваше повеќе од Северна Македонија за обезбедување на европска иднина“.

На конференцијата се обрати и министерката за одбрана Петровска која пред два дена се врати од Украина, како и неколкумина од странските амбасадори во земјава.

– Му се поклонувам на украинскиот народ кој на светот му покажа дека љубовта кон сопствената татковина е посилна од оружјето на агресорот, рече Петровска, нагласувајќи го отпорот, пркосот, храброста на украинскиот народ кој, како што посочи, во изминативе 365 дена даде силен одговор на руската агресија врз меѓународно признaта, суверена и независна Украина.

Според неа, ова е година на херојство во која украинскиот народ против целосната руска инвазија на Украина покажа што може за својата татковина.

– Но и година на единство и сојузништво на европскиот континент. Нашето единство е нашата најголема сила. Се трудеа да нè поделат, но го постигнаа токму спротивното. Ние сме пообединети и порешителни од било кога, додаде Петровска.

Таа порача дека Северна Македонија е цврсто посветена на поддршката и помошта на Украина, се додека Украина и украинскиот народ не го остварат своето право, слободно да се движат и живеат на сопствената територија.

– Ова не е само борба на Украина ова е борба за одржување на целиот меѓународен поредок, кој се заснова на правила и принципи. Слободата нема цена, исто како што нема цена и нашата поддршка и помош за Украина, заклучи Петровска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот