Зошто на Србија ѝ се важни четниците?

Фото: EPA/DRAGI VEJNOVIC

Целта е идеологијата на четниците да продолжи да живее и да се ослободува од историските одговорности и стигмата поради сторените злосторства и соработката со фашистите

Во Република Србија не се откажуваат од ревизионистичките процеси со кои сакаат позитивно да ги прикажат индивидуалните губитници од Втората светска војна, па Високиот суд во Белград минатата недела го рехабилитираше поранешниот командант на четничкиот расинско-топлички одред, полковникот Драгутин Кесеровиќ. Тој соработувал со претседателот на квислиншката српска влада, Милан Недиќ, еден е од архитектите на холокаустот во окупирана Србија и му помагал на германскиот окупатор во борбата против партизаните.

Сепак, судот не ги зеде предвид овие историски факти, туку утврди дека Кесеровиќ, без правично судење, бил осуден на смрт кон крајот на 1945 година. Претпоставувам дека требаше да биде испратен во затвор или дури и ослободен. а беше осуден за најтешките воени злосторства извршени од четниците во јужна Србија, особено во општините Прокупље, Блаце и Куршумлија. Додека неговото семејство и следбениците на генералот Дража Михаиловиќ го поздравуваат овој чин, Сојузот на борците и антифашистите го сметаат за скандалозен.

Одлуката на Тито

Рехабилитацијата на четниците во Србија започна во 2004 година, кога српскиот парламент донесе закон за изедначување на правата на членовите на четничките формации со партизанските борци во Втората светска војна. Тоа беше почеток на фалсификатот, бидејќи во средината на мај 2015 година, Високиот суд во Белград го рехабилитираше четничкиот водач Дража Михаиловиќ, кој беше осуден и стрелан во 1946 година за воени злосторства.

Така, од четниците се обидуваат да направат некакви борци за слобода, иако четничките одреди, во служба на окупаторот, го забавија, а на некои места и целосно го запреа развојот на партизанското движење во Србија.

Со цел да се зајакне Народно-ослободителното движење и да се ослободи Белград, во 1944 година маршалот Тито испрати две силни формации од Босна во Србија – 5-та Краинска пролетерска дивизија, со четири бригади командувани од полковникот Милутин Морача, и 11-та Краинска ударна дивизија, со две бригади под команда на потполковникот Милош Шилеговиќ. Тие го ослободија тој дел од земјата од окупаторите и квислинзите.

Националниот херој Морача во едно сеќавање сведочеше дека 5-та Краинска дивизија била во Србија од почетокот на август до крајот на октомври 1944 година и дека повеќе се борела против четниците отколку против Германците. Четничкото движење беше толку силно, а генијалноста на Тито беше во одлуката да се преселат формации во Србија за да им се помогне на тогаш слабо вооружените и недоволно обучени партизански единици за фронтална борба. Воените историчари тврдат дека без учеството на борци од Краина, војната во Србија ќе траеше подолго од 15 мај 1945 година, кога официјално заврши во Југославија.

Српските националисти го игнорираат тоа и ја потенцираат само улогата на Црвената армија којашто, точно, учествуваше во тие битки, но немаше одлучувачка улога, затоа што остана во Србија кратко време, релативно брзо заминувајќи на боиштата во Унгарија.

Современа „капитулација“

Со овие судски рехабилитации, мнозинството во Србија, и покрај противењето на антифашистите, се откажа од своето антифашистичко наследство и победата во Втората светска војна, доброволно приклучувајќи се на страната на губитниците.

Познатиот публицист и автор на двотомното дело за злосторствата на четничкото движење од 1941-1945 година во Југославија, др. Фадил Адемовиќ, во една прилика ми рече: „Судовите во Србија, по наредба на државниот врв, сакаат да ја променат историјата со измама, но партизаните и четниците никогаш не можат да се изедначат со сила на законот, затоа што е добро познато кој каде бил и што направил во Втора светска војна: четниците не само што убиваа и ограбуваа муслимани, Хрвати и Евреи, туку и Срби кои не ја поддржуваа нивната криминална идеологија. Тие беа предавници во служба на германскиот окупатор.“

Почитуваниот Фадил почина во март годинава во Сараево, а неговата истражувачка работа е безвременска.

Ширење омраза

Очигледно е дека рехабилитацијата на Михаиловиќ, Кесеровиќ и, воопшто, на четничката идеологија ја рехабилитира идејата за Голема Србија во чие име се водеа војни во БиХ и Хрватска во 90-тите години на минатиот век. Оваа идеологија сака да продолжи да живее и да биде ослободена од историските одговорности и стигмата поради сторените злосторства и соработката со фашистите.

Затоа, антифашистите во регионот силно предупредуваат на сите форми и опасности од неофашизмот, а по повод еден од нивните фестивали во 2019 година во Вишеград реагираше и Обвинителството на БиХ. Ги обвини членовите на Равногорското движење Душан Сладојевиќ, Славко Алексиќ и Ристо Лечиќ за поттикнување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост, а нивното судење во Судот на Босна и Херцеговина започна на 6 јули годинава. Вината, според обвинителката Маја Илиќ-Ступар, ќе им биде докажана со сослушување на сведоци и експерти, како и со прикажување видео материјали.

Ако овие тројца мислеа дека ќе останат неказнети затоа што провоцираа и им се закануваа на другите на територијата на Република Српска, се излажале – Вишеград е во БиХ. Конечно, не случајно се нарекле четници, бидејќи на симболично, но и на реално ниво, сакаат да воспостават идеолошки континуитет со нивните идеолошки претходници од Втората светска војна. 

Преземено од „Ослобоѓење“ од Сараево

(Ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се секогаш ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“).

Видео на денот