Трогателен гест во Скопје: последната желба на Дијана, 1.000 бесплатни книги за сите
Љубителите на книгата оваа сабота ќе имаат можност бесплатно да изберат дело од богатата лична колекција на Дијана, жена која зад себе остави значаен белег во заедницата преку својата хуманост, добрина и љубов кон луѓето и животните.
Во просторот „КОМБО“, на 6 јуни, од 12 до 19 часот, ќе бидат достапни околу 1.000 книги кои посетителите ќе можат бесплатно да ги земат и да им дадат нов живот на своите полици.
Препорачано
За Дијана, нејзиниот син Дамјан пишува дека била жена која многумина ја препознавале по насмевката, топлиот збор и подготвеноста секогаш да помогне, без разлика дали станува збор за пријател, непознат човек или напуштено животно.
„Дијана, жената која безброј луѓе ја препознаваа од далеку по нејзината насмевка, топол збор и спремност секогаш да помогне на пријател, непознат, куче, маче, гулаб… Жена која цел живот го живееше според мотото: ‘Важно е и храбро да му дадеш и помогнеш на човек, а не да му одземеш!’“, напиша тој.
Книгите биле нејзино прибежиште уште од најрана возраст. Кога се соочувала со тешки периоди, утехата ја наоѓала меѓу полиците на библиотеките, а подоцна и во создавањето на сопствена книжевна колекција.
Сепак, како што сведочи нејзиниот син, таа никогаш не се врзувала за книгите само како предмети, туку редовно ги подарувала на други луѓе, споделувајќи со нив дел од својата љубов кон литературата.
Нејзината желба била токму оваа колекција да продолжи да живее во рацете на читателите. Затоа, сите кои сакаат да откријат дел од книжевното богатство што го собирала со години, можат да ја посетат акцијата во сабота и да си одберат едно или повеќе дела за читање.


