„Зошто мојот сопруг се однесува како да сум му непријател?“: Психологот Дора Попова – Узуновски одговора на вашите прашања

драга дора
Фото: Приватна архива

Имате проблем и сакате совет од стручњак? Дора Попова-Узуновски, гешталт психолог и магистер на Психолошки науки во областа на клиничката и советодавната психологија, основач на Центарот за применета психологија „Дора“ во Скопје, ви дава совет како да го решите вашиот проблем.

Дора
Фото: Приватна архива
Почитувана Дора, мојот сопруг има 55 години и забележав невообичаено однесување кај него. Имено, се спротивставува на сè што ќе му кажам да направи и сè сака да биде по негово. Во една прилика го прашав зошто така се однесува, а тој ми одговори дека едноставно не може психички да поднесе некој да биде „над него“. Се обидов да му објаснам дека ниту сум ниту имам намера да бидам над него, туку дека станува збор за меѓусебна соработка и дека во бракот треба да се прават компромиси, но тој упорно си го прави своето или го прави спротивното од „моето“. Инаку, многу е склон кон лаги, секогаш сака да ја сврти кон себе важноста, лесно ветува, никогаш не го исполнува ветеното и се однесува како да е тоа нормално. Не разбирам што е работата? Цело време гледам дека нешто не е во ред, но не можам да сфатам зошто го прави тоа, зошто се однесува како да сум му непријател?

Почитувани,

Потенцирате дека се појавило невообичаено однесување кај вашиот сопруг кој има 55 години. Тоа што би требало да го испитате е од кога се појавило таквото однесување и зошто се појавило баш тогаш во тој момент, што претходело на тоа. Однесувањето што го манифестира вашиот сопруг може да биде склоп на карактерни особини кои се јавуваат уште во раното детство, или одраз на некој бунт, негодување за кое сигурно има причина. Штом вие велите дека е „невообичаено“, значи дека е новопојавено однесување, инаку би го забележале многу порано во текот на годините. Тој ви вели дека не може да поднесе некој да биде над него и дека се однесува како да сте му непријател. Тоа значи дека има потреба од доминација и контрола врз ситуацијата, дека е тешко попустлив и дека е тврдоглав и нефлексибилен. Важно е да проверите дали тоа однесување го манифестира исклучиво кон вас или и кон околината. Ако се однесува така само кон вас, значи дека во него се појавил некој „тригер“ од вашиот однос, но ако го манифестира тоа однесување и кон околината, тогаш нема врска со вас, туку во него се случуваат некои внатрешни процеси за кои е пожелно тој да преземе одговорност. Вие може љубезно да му укажете на однесувањето, но без да го нападнете. Употребете „јас“ порака и објаснете му вие лично како се чувствувате поради неговото однесување и дека на тој начин ве повредува. Меѓутоа ако продолжи исто и понатаму, тогаш имате право да излезете од улогата на жртва и да се спротивставите, но се разбира, изборот ќе биде ваш за одлуката што ќе ја донесете.

Здраво, имам 14 години и се чувствувам лошо. Кога, на пример, одговорам пред табла, ме обзема некој страв и постојано размислувам како изгледам, дали ми е добра косата и постојано мислам како другите ме гледаат, дека ги чекаат моите грешки, а тоа дополнително ми создава огромен стрес и непријатност. Постојано ги имам овие чудни прашања во глава и на крајот секогаш се чувствувам лошо. И потоа влегувам во еден маѓепсан круг, чувствувам лутина кон себе што сум таква, ама и кон другите…

Почитувани,

Според тоа што опишавте како се чувствувате, станува збор за проблем со самодовербата во училиште. Не се чувствувате сигурно во себе и поради тоа се притискате и супримирате, но поради притисокот од стравот што си го создавате, наталожувате големо количество на енергија кое се манифестира како лутина кон себе. Стравот и лутината секогаш одат заедно. Она на коешто треба да обрнете внимание и да истражите е како почна овој страв и кога ја загубивте самодовербата. Наведовте дека имате страв од грешка. Луѓето кои чувствуваат ваков страв се вообичаено перфекционисти кои имаат високи очекувања од себе, а најчесто се наметнати од родителите. Перфекционизмот и самодовербата не се баш „блиски“, бидејќи перфекционистот е склон да се осудува постојано себеси, доколку погреши и најчесто после првиот обид се откажува. Важно е да научите да бидете поспонтани и порелаксирани. Доколку погрешите, да си простите и да разберете дека може секому да му се случи, но и да продолжите и понатаму со обидите да сте добри. Успехот со сигурност доаѓа после истрајност, упорност и верба во себе и покрај сторените грешки. Кога следниот пат ќе застанете пред таблата, имајте на ум дека вашите соученици (со кои потсвесно се споредувате) исто така не се совршени, и тие имаат право на грешка, исто како и вие. Ви посакувам среќа.

Пишете ѝ на Дора за тоа што ве мачи, на мејлот: [email protected] или на адреса „Ристо Шишков“ број 20, Скопје, а ние ќе го објавиме нејзиниот советодавен одговор, или директно контактирајте ја во Центарот за применета психологија „Дора“, тел. 075 310 781

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот