Зошто биолошкото оружје во Украина стана главна тема и што всушност се случува?

Путин Бајден Украина Русија
Владимир Путин, Џо Бајден / Колаж: Слободен печат. - Иван Самарџиев

Советот за безбедност на Обединетите нации се состана овој месец на барање на Русија, за да разговара за тврдењата на Москва дека САД финансираат „воени биолошки активности“ во Украина – со други зборови, тајно развиваат биолошко оружје во украинските лаборатории.

Настанот поттикна жестока дискусија. Рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензја, обвини за „неконтролирано ширење на био-агенси од Украина“. Неговата американска колешка, Линда Томас-Гринфилд, предупреди дека тврдењето на Русија може да биде изговор за започнување на сопствен напад со биолошко оружје врз Украина.

Значи, за што е спорот и што всушност се случува внатре во Украина?

Како „био-лабораториите“ станаа најновиот фронт во информативната војна во Украина?

Претходно во март, руското Министерство за надворешни работи објави твит во кој ги обвини САД и Украина за водење тајна „воено-биолошка програма“ во погодената земја. Москва тврди дека нејзините напаѓачки сили откриле докази за „итно чистење“.

Москва продолжи да тврди дека пронашла документи поврзани со тајната операција на САД во лабораториите во Харков и Полтава.

Наводите брзо беа засилени од Кина, која ги поддржа тврдењата за време на дебатата на Советот за безбедност на ОН. Теоријата се прошири и на социјалните мрежи под хаштагот #usbiolabs и беше коментирана меѓу десничарските медиуми во САД,  а беше коментирана и на подкастот „Воена соба“ на поранешниот советник на Доналд Трамп, Стив Банон, како и на емисијата на Фокс њуз во ударен термин, водена од Такер Карлсон.

Како реагираа владите на САД и Украина?

И САД и Украина категорично негираа дека развиваат биолошко оружје во земјата. Томас-Гринфилд рече: „Ќе го кажам ова еднаш: „Украина нема програма за биолошко оружје.“ Таа повторно го врати обвинението кон Москва. „Русија е таа која долго време одржува програма за биолошко оружје што го крши меѓународното право“.

Оваа недела, зборувајќи со бизнис лидерите во Вашингтон, Џо Бајден предупреди дека Владимир Путин може да користи биолошко оружје.

„Нема каде да бега“, рече Бајден, спомнувајќи ги лажните тврдења за био-лабораториите финансирани од САД во Украина. „Сега тој зборува за новите лажни прашања што ги поставува, а тој тврди дека ние, имаме биолошко, како и хемиско оружје во Европа. Ова едноставно не е точно, јас ви гарантирам“.

Бајден: Путин размислува за употреба на биолошко и хемиско оружје во Украина

Што велат независните светски организации?

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека не знае за активностите на Украина кои прекршуваат каков било меѓународен договор, вклучително и забраната за биолошко оружје.

Високиот комесар на ОН за разоружување, Изуми Накамицу, потврди дека ОН не знаеле за какви било програми за биолошко оружје во Украина. Накамицу укажа на Конвенцијата за биолошко оружје од 1975 година, која го забранува развојот и употребата на биолошко оружје. Конвенцијата тогаш била поддржана од Ричард Никсон, кој во 1969 година, исто така, ставил крај на американското развивање на сопствено офанзивно биолошко оружје.

Значи, дали постојат био-лаборатории во Украина и дали САД ги поддржуваат?

Да, и да. Украина работи со биолошки лаборатории кои добиваат американско финансирање. Американскиот државен потсекретар Викторија Нуланд ги потврди тие факти на сослушувањето на Комитетот за надворешни односи на Сенатот оваа недела, на кое републиканскиот сенатор Марко Рубио директно праша дали Украина има биолошко оружје.

Нуланд не одговори директно на прашањето. „Украина има капацитети за биолошко истражување“, рече таа, додавајќи дека постои загриженост дека руските сили се обидуваат да добијат контрола над лабораториите. „Ние работиме со Украинците на тоа како да спречат некој од тие истражувачки материјали да падне во рацете на руските сили“.

Коментарите на Нуланд ги искористија екстремно десничарските коментатори како доказ за таен заговор. Всушност, американското финансирање на лабораториите имаше свои корени од падот на Советскиот Сојуз, по што беа испумпувани пари во Украина и другите земји за да им се помогне да ги пренесат научните вештини подалеку од оружјето кон јавното здравје.

Шемата првично беше позната како Кооперативно намалување на заканите (CTR), но сега почесто се нарекува биолошко ангажирање. Тој беше успешен во помагањето на поранешните советски и други земји да ги исполнат обврските за јавното здравје.

„Ова е една од најдобрите работи што ги правиме“, изјави за Гардијан д-р Џиџи Гронвал, виш научник во Центарот за здравствена безбедност Џон Хопкинс.

Најголем дел од работата на украинските лаборатории денес, рече Гронвал, вклучува надзор на болести кај животните и луѓето како систем за рано предупредување за болести како што е африканската свинска чума, која е ендемична во регионот.

„Знаеме дека патогените не ги почитуваат границите, така што помагањето да се изгаснат пожарите во јавното здравство пред тие да станат преголеми е предност за сите нас“, рече таа.

Дали лабораториите во Украина чуваат опасни биолошки агенси?

Како дел од нивната работа, се чини дека лабораториите содржат опасни патогени. Тоа го знаеме затоа што СЗО ја повикува Украина да ги уништи сите многу опасни агенти за да се избегне ризикот од катастрофална епидемија доколку една од лабораториите биде погодена од руските сили.

„Како дел од оваа работа, СЗО силно му препорача на Министерството за здравство на Украина и другирњ одговорни тела за уништување на висока закана од патогените за да се спречи евентуално излевање“, соопшти здравствената агенција на ОН.

СЗО работи во Украина неколку години помагајќи им на био-лабораториите да ја подобрат безбедноста, па затоа знаат за што зборуваат.

Ако руските тврдења за тајна програма за био-оружје се лажни вести, дали тоа значи дека нема ништо за што да се грижиме?

Не. Покрај заканата дека патогени микроорганизми кои се чуваат во украинските лаборатории ќе истечат или ќе паднат во рацете на руските сили, постои и закана Русија да изврши сопствен напад со биолошко оружје. Оценката на американскиот Стејт департмент е дека Русија продолжува да одржува офанзивна програма за биолошко оружје што ја прекршува конвенцијата што ја потпиша.

Претходно оваа недела, прес-секретарот на Белата куќа, Џен Псаки, ја обвини Русија дека за време на владеењето на Путин има „долга и добро документирана историја“ за употреба на хемиско оружје, укажувајќи на труењето на опозицискиот лидер Алексеј Навални и руската поддршка на Сиријците.

Таа предупреди дека тврдењето на Москва за тајна програма за биолошко оружје во Украина всушност може да ги постави темелите за руски напад со хемиско или биолошко оружје.

Во понеделникот, Бајден рече дека Русија „исто така сугерира дека Украина има биолошко и хемиско оружје. Тоа е јасен знак дека размислува да ги користи и двете“.

„Тој веќе користеше хемиско оружје во минатото и треба да бидеме внимателни за тоа што ќе дојде. Тој знае дека ќе има тешки последици поради обединетиот фронт на НАТО, но поентата е: тоа е реално“.

Таа можност ги остава збунети дури и искусните експерти.

„Се надевам дека ова е повеќе точка за разговор за дезинформации отколку вистинска работа“, рече Гронвал. „Но, ќе видиме“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот