Зоолошката градина „обезглавена“, директорот дал оставка, уште не се знае кој ќе биде нов
Скопската Зоолошка градина, во која состојбите не беа најдобри во изминатиот период, моментално е без директор. Досегашниот, Зоран Попов, кој речиси три години раководеше со оваа установа, поднел оставка, а градоначалникот Орце Ѓорѓиевски сѐ уште размислува кого да постави.
Препорачано
Во наредниот период ќе се постави нов директор. Имам тим којшто прави интервјуа со неколку личности. Искрено размислувам кој да биде поставен – вели градоначалникот.
На вчерашната седница на Советот на Град Скопје, поранешниот директор на ЗОО, а сега советник од СДСМ, Ѓорѓи Галетановски, посочи дека 80 отсто од живеалиштата во градината се руинирани и праша дали новото градско раководство ќе се ангажира за нивно обновување, но и дали се планира да се зголеми цената на билетот за да се олесни функционирањето на Зоолошката.
За влезниците не сум размислувал и мислам дека не треба да ги зголемиме во моментов. Прво да ги средиме состојбите таму, па да видиме дали треба да ги зголемиме. Условите во кои сега посетителите имаат можност да ја посетат Зоолошката градина, не се на ниво за ние да наметнеме повисоки трошоци и влезници за нив – рече градоначалникот
Тој додаде дека ќе се работи на тоа да се донесат нови животни и да се обноват живеалиштата, процес кој според градоначалникот ќе биде мачен процес и нема да биде од денеска за утре, но како што рече, сериозно ќе се подобрат условите, а дека крајниот концепт на Градот е поврзување на Зоолошката градина со новиот Луна парк.


