Жртва на романтична измама – Белгиски пензионер патувал 700 километри за да се ожени со француска мисица
Убеден дека патува во Франција за да стапи во брак со француска мисица, 76-годишен Белгиец патувал повеќе од 700 километри за конечно да сфати со болна свест дека е жртва на сурова онлајн измама. Имено, на вратата од домот на Софи Вузло, наместо неговата идна сопруга, го пречекал нејзиниот вистински сопруг, објави Би-Би-Си.
Препорачано
Несреќниот пензионер, идентификуван само како Мишел, му раскажал на шокираниот сопруг Фабиен како со недели бил во „романтична врска“ со неговата сопруга и им платил дури 30.000 евра на измамници кои се претставувале во нејзино име.
„Јас сум имбецил“, наводно рекол тој откако сфатил што се случило, додека размислувал за долгото и тажно патување дома.
Целиот случај стана јавен откако Фабиен објави видео од нивната необична средба на социјалните мрежи. Се покажа дека Мишел, кој е вдовец во последните четири години, со недели комуницирал преку Ватс Ап со лице за кое цврсто верувал дека е Софи Вузло, поранешна Мис Лимузен и прва придружничка на Мис Франција 2007.
Како што пренесува Би-Би-Си, на деветти јули се појавил на вратата од нивниот имот во Сен-Жулиен, јужно од Париз. Според Фабиен, тој му рекол: „Јас сум идниот сопруг на Софи Вузло“.
Фабиен мирно му одговорил: „Драго ми е, а јас сум сегашниот“.
По почетниот шок, 38-годишниот Вузло се обидел да му објасни дека наседнал на измама, а двојката го советувала сè да пријави во полиција. Не е познато дали на крајот го сторил тоа.


