Џереми Ренер
Џереми Ренер / Фото: EPA-EFE/ETIENNE LAURENT

Жена го тужи Џереми Ренер: Тврди дека ја измамил за илјадници долари во „романтична врска“

Холивудскиот актер Џереми Ренер се најде во центарот на внимание откако жена од Калифорнија поднесе тужба тврдејќи дека ја измамил за повеќе илјади долари, убедувајќи ја дека имаат романтична врска.

Марни Ривс (56) од Модесто тврди дека преку интернет стапила во контакт со човек кој се претставувал како актерот. Според неа, комуникацијата започнала откако таа во април 2023 година лајкнала негова објава на социјалните мрежи, во периодот кога Ренер се опоравуваше од тешката несреќа со ралка за снег.

Ривс вели дека потоа добила порака од непроверен профил кој се претставил како Ренер. Според нејзините тврдења, преку таа комуникација била измамена за 23.450 долари, како и дополнителни стотици долари за наводни правни трошоци.

Во тужбата, која има 549 страници, таа наведува дека целата ситуација сериозно влијаела врз нејзиното здравје.

„Бев психички уништена. Не можев да јадам речиси една година, изгубив коса, достоинство и самопочит“, напишала таа во судските документи, додавајќи дека штотуку излегла од 20-годишен насилен брак кога се поврзала со човекот за кого верувала дека е Ренер.

Актерот, пак, категорично ги отфрли обвинувањата, тврдејќи дека никогаш не комуницирал со Ривс и дека станува збор за интернет-измама во која некој го злоупотребил неговото име.

„Овој случај нема никаква врска со Џереми Ренер. Станува збор за неоснована тужба која се темели на уверувањето на тужителката дека била во романтична врска со него – нешто што нема никаква фактичка основа“, изјави неговиот адвокат.

Според Ривс, комуникацијата со човекот за кого мислела дека е Ренер траела од април до август 2023 година, најчесто преку Ватсап. Таа тврди дека била убедена да купува различни „пакети за обожаватели“ – од 1.100 до 10.888 долари – за да може да продолжи да комуницира со актерот.
Иако признава дека многумина ја предупредиле дека станува збор за измамник, таа и понатаму верува дека актерот на некој начин бил вмешан.

Адвокатите на Ренер, пак, нагласуваат дека парите биле испратени на непознати трети лица кои очигледно ја искористиле ситуацијата.

Актерот и претходно предупредуваше на вакви измами. Тој уште пред неколку години апелираше на социјалните мрежи дека никогаш не бара пари од обожавателите, предупредувајќи дека измамници користат негови фотографии, лажни документи и дури и вештачка интелигенција за да ги измамат луѓето.

Случајот би требало да оди на судење во август, доколку судијата претходно не ја отфрли тужбата.

„Ова е една од најапсурдните тужби што сум ги видел во кариера долга повеќе од 40 години“, изјави адвокатот на актерот, Марти Д. Сингер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот