Зеленски во Лондон и Брисел на средби со европските лидери, преговорите за Донбас без напредок
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска пристигна во Обединетото Кралство, објави „Скај њуз“. Во Лондон, Зеленски ќе оствари средби со британскиот премиер Кир Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц.
Препорачано
Подоцна, украинскиот лидер ќе отпатува за Брисел, каде што ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, како и со претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, соопшти Алијансата.
Британскиот премиер Стармер изјави дека секој мировен договор за Украина мора да вклучува „силни безбедносни гаранции“.
„Ако има прекин на огнот, тој мора да биде праведен, бидејќи Украина плати огромна цена за војна што не ја предизвика“, изјави Стармер за Прес Асошиејтед, додавајќи дека ваквите гаранции се неопходни за рускиот претседател Владимир Путин да го почитува договорот.
Стармер го пофали и американскиот претседател Доналд Трамп за напредокот во мировните разговори, оценувајќи дека за неколку недели е постигнат „најголем напредок во последните четири години“, иако преговорите, како што рече, остануваат сложени.
Покрај посетите на Лондон и Брисел, се очекува Зеленски во наредните денови да го посети и Рим, по телефонскиот разговор со италијанската премиерка Џорџа Мелони. Италијанската влада соопшти дека земјата ќе испрати генератори во Украина во наредните недели.
Преговорите за Донбас се заглавени
Во меѓувреме, мировните преговори за источниот регион Донбас се заглавени. Според „Блумберг њуз“, Зеленски изјави дека сè уште не постои заеднички став меѓу Украина, Русија и САД за статусот на регионите Донецк и Луганск, нагласувајќи дека прашањата за територијата и безбедносните гаранции остануваат чувствителни.
Изјавата следува откако американскиот претседател Трамп изрази „мало разочарување“ поради тоа што, според него, Зеленски сè уште не е подготвен да го прифати предложениот мировен договор.
Разочаран сум од Зеленски што сè уште не го прочитал нашиот предлог, вели Трамп


