Здружение на млади правници: Измените на Законот за државјанство нема да го решат проблемот со апатридите

фото МИА

-Денеска пред пратениците се наоѓа Предлог-законот за измени и дополнувањата на Законот за државјанството на Република Македонија, второ читање, по скратена постапка. Текстот на законот е подготвен во нетранспарентна процедура без увид на јавноста и без можност за какви било коментари, мислења и предлози. Македонското здружение на млади правници како организација која повеќе од 10 години работи на намалување и искоренување на бездржавјанството во Република Северна Македонија, достави барање до претседателот на Собранието Талат Џафери за итно свикување на јавна седница на која ќе се произнесе стручната јавност, информираат од здружението на млади правници.

Тие сметаат дека начинот на кој што е формулиран предлог-законот е непрецизен и не го решава во целост проблемот на лицата без државјанство, кои се заштитени согласно меѓународното право и конвенциите наведени како извори за донесување на овој закон, а дел од предложените решенија се спротивни на текстот на овие конвенции.

-Конвенциите на ОН за бездржавјанство и Европската конвенција за државјанство се однесуваат на добивање на државјанство на оние лица кои немаат државјанство. Прашањето за двојно државјанство согласно Европската конвенција за државјанство е предвидено само во поглед на деца родени во државата, а кои поседуваат државјанство на друга држава, како и за лицата кои склучуваат брак. Иако во јавните говори на предлагачите на законот се потенцира решавањето на бездржавјанството, во предлог законот никаде не се изрично споменати лицата без државјанство на кои би им се олеснила натурализацијата, како што се наведени во член 7-а од веќе постоечкиот Закон за државјанство, велат младите правници.

Според нив, доколку намерата на овој закон е да се намали или искорени бездржавјанството, тогаш се поставува прашањето зошто условот за законски престој од осум години за странци се намалува на седум години, а условот во членот 7-а за лицата без државјанство останува непроменет. Тие прашуваат зошто за лицата без државјанство согласно член 7-а не се воведени олеснителни околности за прием, како што е тоа направено во член 7 од новиот предлог закон.

-Доколку се изгласа овој предлог закон како што е предложен ќе биде уште една пропуштена шанса да се реши судбината на голем број на луѓе, наши соседи кои се родени тука, живеат тука и никогаш не ја напуштиле државата, а немаат државјанство на ниту една земја. Бараме донесување на закон со кој сите лица кои живеат на територија на Република Северна Македонија, а се апатриди, односно немаат државјанство од ниту една друга земја, веднаш да добијат државјанство на Република Северна Македонија со што ќе се отстрани бездржавјанството согласно меѓународните конвенции, велат од Здружението на млади правници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот