Зборови за Кљок од Сани: Неговата фризерница ќе остане синоним за авангарда

Беше мераклија со страст во сè што фаќаше да прави – од дуќанот во кој изработи речиси сè со сопствени раце до славната фризура „коцка“ која ја донесе како тренд и воведе нова техника на потстрижување само со машинка.

Деновиве нè напушти уште една скопска легенда, Љупчо Богдановски, кого сите го знаат како Кљок. Си замина тивко без медиумска помпа на јавно извикана личност зашто не беше лик кој со својата вокалност инсистира да остави впечаток во јавност по секоја цена. Фиљан човек, својата препознатливост и мапираност во личната карта на градот ја здобиваше со уникатниот, директен, недодворувачки, искрен однос кон луѓето, кога при првата средба останувате малку збунети, за потоа да почнувате да ја разбирате луцидноста на неговиот хумор кој ќе ве зароби засекогаш. Тоа го правеше омилен меѓу другарите, пријателите и познаниците, но посебно кај својата клиентела во неговата култна фризерница за мажи, прва од овој тип кај нас.

фото Марко Марковски

Мераклија со страст во сè што зафаќаше да прави – од дуќанот во кој изработи речиси сè со сопствени раце, до славната фризура „коцка“ која ја донесе како тренд и воведе нова техника на шишање само со машинка, до неговите џем сесии со усна хармоника со која сними и неколку нумери на албумот на Леб и Сол – „Звучни зид“, како и со Гиш и Тони Китановски. Легендарна ќе остане и снимката од настапот на „Леб и Сол“ во Кистање на почетокот на нивната кариера кога токму Кљок со хармониката направи вистинска журка, која до денес се раскажува како анегдота.

На неговата трансформација во кариера како фризер за мажи (инаку, Кљок прв го воведе овој термин кај нас, н.з) претходеа десетина години како дел од техничката екипа на „Леб и Сол“, но и како прв менаџер на првата сезона на Градиште и „ХардРок“. Така, со сета таа присутност, неизбежно се врежа во урбаното миље на градот кога тоа имаше своја препознатлива гравура.

Неговата  фризерница, за сведоците на тоа време, ќе остане синоним за авангарда. Помодерна од повеќето кафетерии во градот, со трендсетерска димензија (на пример, во неговата фризерница за првпат се појавија телевизори со снимки од МТВ, ФТВ, НБА, служење на кафе еспресо и виски, н.з), а таму се случуваа – луѓе, настани, музика, хумор, бизнис муабети, снимања на епизоди на К-15…

Уникатно, урбано, откачено и револуционерно, тоа не беше место каде се доаѓа само за потстрижување. Концепт кој потоа го копираа сите. Цела една генерација созреа минувајки низ искуството на местото „КЉОК“ кое неизбришливо се врежа во колективната меморија на градот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот