Збирката раскази „Наназад“ од Стефан Алијевиќ ќе има промоција во КСП „Центар-Јадро“
Издавачката куќа „Илика“ на 14 ноември организира промоција на втората збирка раскази на Стефан Алијевиќ, со наслов „Наназад“. Настанот ќе започне во 20 часот, во КСП „Центар-Јадро“, а промоторки на книгата ќе бидат Румена Бужаровска и Јана Медиќ. По промоцијата ќе се одржи афтер-промо забава во кафе-бар „Љубов“ со диџеј Џинџер.
Препорачано
Прозата на Стефан Алијевиќ се поигрува со границите на автофиктивното и фиктивното писмо. Се движи низ состојбите на сонот и реалноста, сеќавањето и заборавот, интимното и политичкото.
Неговите раскази се повеќеслојни, хибридни и во жанровска и во значенска смисла, и можат да се разгледуваат низ повеќе призми, меѓу нив и ангажираните квир, еколошки и феминистички перспективи, но во ниту една не може да се каже дека овој автор целосно припаѓа.
Петар Андоновски за книгата напиша: „Кај Алијевиќ ништо не е под тепих, сè е на површина и сè е видливо. Расказите од ‘Наназад’ се рибина коска во грлото на општеството.“
– Оваа збирка раскази служи како книжевен документ, запис од едно бурно време на лични и колективни промени. Книгава нè носи назад во времето, нурнува низ авторовото детство, но не застанува таму, туку постојано трага по излезот кон подобра иднина – истакнуваат од „Илика“.
Стефан Алијевиќ (Гевгелија, 1991) завршил студии на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на катедрите по Општа и компаративна книжевност и Англиски јазик и книжевност. Во 2022 година ја објавува својата прва книга раскази „Вечерен автобус“, за која во 2023 ја добива регионалната награда „Штефица Цвек“ за најдобра ангажирана феминистичка и квир книжевност. Раскази од Стефан се објавени во повеќе книжевни списанија, антологии и книги во земјава. Алијевиќ е преведуван на хрватски, српски и на албански јазик.


