Скрининг на ученици со цел рано детектирање и превенција од ковид 19/ Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Заврши скринингот за ковид во училиштата: Помалку од 1 процент од тестираните ученици биле позитивни

Заврши скринингот во училиштата, чија цел беше да се утврди колку од учениците се позитивни на ковид 19. Според неофицијалните информации кои што ги доби „Слободен печат“ од свои доброупатени медицински извори, помалку од 1 процент од тестираните ученици биле позитивни на ковид на брзите антигенски тестови кои беа користени за оваа намена.

Тестирани се над 1800 ученици, а резултатите во вторник се очекува да им бидат презентирани на членовите на Комисијата за заразни болести на редовниот состанок откако претходно ќе бидат обработени од епидемиолози.

Скринингот се одвиваше со согласност од родителите дека нивното дете може да биде вклучено а неговата цел беше да се дојде до реалната состојба, дали има широка трансмисија на вирусот во училиштата.

На следната седница на владата најавено е дека на дневен ред ќе биде и продолжувањето на временската важност на ковид сертификатите за прележаност, од 45 дена на 6 месеци.

На последниот состанок на Комисијата за заразни болести, медицинските професионалци му предложија на министерот за здравство Беким Сали да се укине ПЦР тестот, ковид сертификатот за прележаност или сертификатот за вакцинација за македонските државјани кои ја напуштаат земјава, односно да не им биде баран доказ за ковид статус на граничните премини од страна на македонските гранични власти.

Ова не значи дека во другите држави каде што се упатени, нема да им биде баран ваков доказ, туку само дека ќе бидат ослободени од негово приложување на македонската страна од границата.

Исто така, Комисијата предложи бремените жени да примат три дози вакцина и да се вратат во работниот процес затоа што вакцините се безбедни за трудниците и тоа го потврдуваат светски релевантни гинеколошки асоцијации.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот