Добитници на наградите на фестивалот „Актерот на Европа“

Заврши 22-то издание на Меѓународниот театарски фестивал „Актерот на Европа“ во Ресен

Со изведба на претставата „Женски разговори“ работена по текст на Душан Радовиќ, а во режија на Маргарета Табороши со актерката Оља Лопушански од Холандија и врачувањето на наградите, на 11 јули во Ресен заврши 22-то издание на Меѓународниот театарски фестивал „Актерот на Европа“.

Според одлуката на жирито во состав: Гоце Ристовски, претседател, Трајче Кацаров и Елена Трајковска, членови, наградата „Актер на Европа“ за годишно остварување, што од годинава ќе го носи името на легендарниот македонски актер Мето Јовановски, долгогодишен претседател на интернационалното жири на фестивалот „Актерот на Европа“, ѝ е доделена на Биљана Ѓуровиќ, професор на Факултет за современи уметности Белград, Србија, за улогата во авторскиот проект „Шекспирови сонетни раковети“, според мотиви од великанот на светската литертура и театар, Вилијам Шекспир.

Наградата на публиката ја понесе Иван Перковиќ за улогата во претставата „Светозар Трети“, по текст на Љиљана Браловиќ, во режија на Михаило Костадинов, продукција „НАС Театар“, Босна и Херцеговина.

Наградата „Жак Лакариер“ ѝ припадна на Оља Лопушански, Холандија, за претставата „Женски разговори“, работена по текст на Душан Радовиќ, во режија на Маргарета Табороши.

Наградата за најдобар драмски текст му беше доделена на Зоран Пејковски за драмскиот ораториум „Ваташа“.

Наградата „Преспански Дионис“ му припадна на Игор Ангелов за улогата во претставата „Сите најубави работи“, работена според мотиви од Данкан Мекмилан, во режија на Дејан Пројковски.

Награда за најдобра претстава во целина ја освои претставата „Арка-бокс“, авторски проект на Ментор Зуберај, во продукција на „Акт“, Приштина, Косово.

Наградата за животно дело „Актер на Европа“ ѝ беше врачена на отворањето на фестивалот на еминетната чешка актерка Ива Јанжурова. Добитниците на наградата „Клучевите на Преспа“ се Ристо Никовски и Бошко Пелистерски-Рајчовски, а Големата повелба „Балканот – Срцето на Европа“ ја добија Јордан Ѓорчев, Павлос Воскопулос Филипов и Сулејман Рушити. На Фестивалот во изминатите пет дена беа изведени претстави од Македонија, Србија, Босна и херцеговина, Косово и од Холандија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот