Заврши 19. Оф-фест: Вонвременски концерти донесе фестивалот на музиката на светот

Серија од три концертни вечери е звучната содржина што ја понуди фестивалот на музиката на светот – Оф-фест. По фантастичниот концерт на прекрасната каталонска пејачка Силвија Перез Круз на 3 ноември, на сцената во камерната сала на филхармонијата на 7 ноември се одржа македонската вечер со настап на Добрила и Дориан Дуо и групата „Баклава“.

Вокалната солистка Добрила Грашеска заедно со Дориан Јовановиќ (ут, електроника) како дуо настапија со специјално подготвен проект во чии рамки изведоа десетина песни што најмногу ги сакаат, но со поинаков израз од досега познатиот. Двајцата се членови на групата „Чалгија саунд систем“, која постои од 2008 година и го негува традиционалниот израз на македонската чалгиска музика. Во фантастичниот звучен амбиент на камерната сала на филхармонијата Грашеска го откри вистинскиот дијапазон на нејзините вокални можности со блескаво чист и јасен израз. Како ученичка на доајенката на народната песна, Вања Лазарова, Грашеска се потврдува како една од најдобрите вокални изведувачки на вредното македонско фолклорно наследство, а настапот со Јовановиќ открива нови хоризонти на нивната соработка.

Добрила и Дориан Дуо (фотографија: Татјана Ранташа)

Меѓу вокалистките кои го негуваат етно-изразот е и Елена Христова од групата „Баклава“. Овојпат групата настапи со композиции, кои главно се објавени на новиот албум „IV“, што беше промовиран на почетокот на 2020 година. Стиховите на песните снимени на албумот се на Сибо, создаден е според концептот на боите, а нивниот концерт на Оф-фест имаше колоритен амбиент. Настапот на групата беше засилен со настап на неколку врвни македонски музичари.

Група „Баклава“ (фотографија: Татјана Ранташа)

Историско финале на трите вечери беше настапот на величествениот мајстор на иранското кеменче Кајхан Калхор, добитник на Греми и актуелен носител на специјалната награда за животно дело на „Вомекс“, заедно со турскиот виртуоз на инструментот баглама, Ердал Ерзинкан, на 10 ноември. Нивниот вонвременски концерт ја однесе малубројната публика во салата (поради ковид-рестрикциите) во исконските звучни предели на раѓањето на музиката.

Кајхан Калхор и Ердал Ерзинкан (фотографија: Сашо Н. Алушевски)

Звучниот материјал беше отсвирен во еден медитативен здив, почна со аплауз, а заврши со овации од публиката. Според организаторите, на интернет концертот беше проследен од 12 илјади слушатели, кои соучествуваа во врвното музичко задоволство што Скопје имаше чест да го доживее.

Организаторите на 19. Оф-фест вложија натчовечки напори да ја одржат традицијата на фестивалот, а програмата, покрај ковид-кризата, успешно да ја исполнат со врвни музички проекти.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 56, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 14-15 ноември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот