Засмрде Влае од преполните канти со ѓубре, возилото за собирање било расипано

Од ЈП „Комунална хигиена“ објаснуваат дека проблемот настанал поради дефект на возилото за собирање отпад, но дека состојбата е веќе надмината.

Жители на населбата Влае се жалат дека среде лето, кога температурите се високи, не се собира редовно ѓубрето од кантите пред куќите. Тие коментираат дека со денови стојат преполни кантите, од нив се шири смрдеа, се собираат муви и дека состојбата е навистина очајна.

Според тврдењето на жителите, ЈП „Комунална хигиена“ не го почитува распоредот за собирање на отпадот од индивидуалните домаќинства и како што велат, веќе не знаат ни каде ни кому да се обратат, затоа што реакциите до комуналното јавно претпријатие и до Општина Карпош не даваат резултат.

 Кантите стојат од минатата недала, затоа што доколку ги прибереме – може да пројдат комуналците и да се „пропушти возот“. Кучиња и мачки го разнесуваат ѓубрето, за муви, бубашваби и за смрдеата да не зборуваме. Трет термин по ред не доаѓаат да го соберат. Никогаш не било вака, не знаеме кога ќе поминат, дали наутро, дали попладне, среда или четврток – реагира жител на Влае.

Тие апелираат и до Општина Карпош да се обрати до јавното претпријатие и да ја реши оваа непријатна ситуацијаза своите жители.

Од ЈП „Комунална хигиена“ објаснуваат дека проблемот настанал поради дефект на возилото за собирање отпад, но дека состојбата е веќе надмината.

Поради дефект на специјално комунално возило наменето за празнење на кантите од индивидуалните домаќинства, во посочениот период дојде до краткотраен застој во собирањето на отпадот од индивидуалните домаќинства во одредени делови на населбата Влае. Дефектот е веќе отстранет и возилото е пуштено во употреба, така што екипите на ЈП „Комунална хигиена“ продолжија со празнење на кантите според стандардната динамика, во вообичаените досега практикувани
термини, без промени во распоредот за собирање и транспорт на отпадот – тврдат од претпријатието.

ЈП „Комунална хигиена“ уште во мај годинава ја смени динамиката на празнење на кантите од индивидуалните домаќинства во општина Карпош и наместо од 13.30 до 20.30 часот, ги извести карпошани дека кантите ќе се празнат во периодот од 07 до 13.30 часот, во истите денови од неделата како и претходно.

 Апелираме до жителите на општината Карпош да се придржуваат до предвидениот термин за празнење на кантите за комунален отпад, со цел екипите на ЈП „Комунална хигиена“ да бидат во можност да го одржат највисокото ниво на хигиената и чистотата во оваа скопска општина и воедно да се заштити јавното здравје – известија тогаш од „Комунална хигиена“.

За проблеми со собирање на ѓубрето од кантите пред куќите во изминативе два – три месеци се жалеа и граѓани од други населби. Жителите на Козле неколкупати укажуваа дека нередовно се собира отпадот и дека не се почитуваат вообичаените термини за собирање.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот