Кир Стармер/ ФотоEPA-EFE/ANDY RAIN

Заштитете ги децата, оставете ги теориите на заговор, побара Стармер по епидемијата на морбили во Англија

Британскиот премиер Кир Стармер предупреди дека „јавното здравство не е културолошка војна“ и ги повика родителите да проверат дали ги вакцинирале своите деца по појавата на морбили (мали сипаници) во северен Лондон, каде заразата се шири низ училиштата.

Во градската општина Енфилд, од 1 јануари до 9 февруари се потврдени 34 случаи, што е повеќе од една третина од вкупно 96 случаи регистрирани во Англија оваа година, пишува Скај Њуз.

Според локална матична здравствена установа, едно од пет деца заразени во неодамнешната епидемија имало потреба од болничко лекување „и ниту едно од нив не било целосно имунизирано“.

Ова го натера Стармер да излезе и објави на Икс, нагласувајќи дека вакцините се безбедни, ефикасни и можат да спасат живот.

„Ги повикуваме сите родители да проверат дали нивните деца ги имаат примено сите препорачани вакцини навреме“, посочи тој.

Британскиот премиер порача дека Обединетото Кралство „од своите лидери очекува цврсто да застанат зад науката за да ги заштитат нашите деца, а не да им даваат ветер во грб на теориите на заговор“.

„Јавното здравство не е културолошка војна. Овде се работи за безбедноста на нашите заедници“, додаде тој.

Како што јавија британски власти, морбилите се вирусна болест која лесно се шири меѓу невакцинираните лица, како кај децата така и кај возрасните. Вирусот предизвикува симптоми слични на настинка, исип и дамки во устата.

„Иако повеќето целосно закрепнуваат, болеста може да доведе до сериозни компликации како воспаление на белите дробови, воспаление на мозокот и, во ретки случаи, до траен инвалидитет или смрт“, нагласија властите.

Британската агенција за безбедност на здравјето предупреди дека голема епидемија на морбили во Лондон, според постоечките модели, би можела да доведе до бројка меѓу 40.000 и 160.000 случаи на зараза. Се проценува дека стапката на хоспитализација, во зависност од возраста на заболените, би изнесувала од 20 до 40 проценти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот