„Запнаа“ работните групи во Софија, нема договор за цената по која ќе купуваме бугарска струја

Струја / Фото: EPA/KCNA

Работните групи од Македонија и Бугарија денеска не постигнаа договор околу цената по која земјава ќе купува струја од Бугарија. Премиерот Димитар Ковачевски минатата недела во Софија рече дека е договорен увоз на електрична енергија од Бугарија, но дека за цената ќе преговараат работни групи од двете земји.

На денешната средба во Софија, прва од овој формат на работни групи, требаше да се прецизираат трошоците и цената на транспортот на базната струја, односно евентаулниот закуп на прекуграничните капацитети кај нашиот сосед.

Македонската делегација ја водат директорите на ЕСМ и МЕПСО, Васко Ковачевски и Орхан Муртезани, како и Виктор Андонов, советник на премиерот. Според неофицијалните информации, наредната недела ќе се одржи уште една средба на работните групи, бидејќи договор мора да се постигне до крајот на месецот.

Проблемот околу цената по која ќе се купува струјата од Бугарија е во тоа што таа е членка на ЕУ, каде важат стриктни регулативи за продажба на струја на слободниот пазар. Неофицијално, нашата делегација очекува да добие цена пониска за најмалку 15 отсто од онаа во моментот на берзата или некаде под 400 евра за мегават-час.

Договорот за помош со електрична енергија начелно беше постигнат на 5 септември кога во Софија се сретнаа премиерот Ковачевски и неговиот бугарски колега Галаб Донев. Иако на заедничката прес конференција премиерите не соопштија прецизни информации или детали, наведоа дека станува збор за количина од околу пет гигавати струја дневно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот