Запленетата дрога ја злоупотребија зависниците од политика

Фото: МВР

Додека се разјасни дека станува збор за еден килограм кокаин, политичарите од ВМРО-ДПМНЕ побрзаа заслугите за заплена на 1.300 килограми дрога да му ги припишат на техничкиот министер за внатрешни работи од нивната партија и, според стручњаците, да ја загрозат меѓународната истрага што ја водат специјализирани служби.

Бомбастичната вест за наводна заплена на 1.300 килограми кокаин во пакети со банани во скопското село Крушопек се покажа како лажна во врска со тежината на дрогата, а потоа лесно, поточно лекомислено, се злоупотреби за да добие политичка тежина. Политичарите од ВМРО-ДПМНЕ побрзаа заслугите за големата заплена да му ги припишат на техничкиот министер за внатрешни работи од нивната партија, а стотиците килограми се сведоа само на еден килограм кокаин.

Тоа го разјасни техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев, кој рече дека МВР фатило само еден килограм од пратката за која не се знае од колку килограми се состоела и дека се уапсени четворица.

– Целокупното количество било со крајна дестинација во нашата држава. Кај нас е фатен само еден килограм и не можам да ви кажам за целото количество кое е во друга држава – рече Чулев.

Но, додека стана јасно дека „сигурните“ извори лажно ги брифирале медиумите за количината, во јавноста веќе беше создадена слика дека Македонија запленила огромна количина од опасната дрога.

Муштулукот го зеде пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, кој на Твитер рано го пофали МВР, раководено од Наќе Чулев, за ефикасното сузбивање на шверцот со наркотици, тврдејќи дека во времето на СДСМ не бил фатен ниеден килограм од дрогата.

– Во три години власт на СДСМ не слушнавме дека е запленет ниту еден килограм кокаин. Денес МВР заплени 1,3 тони. Најголема количина кога било запленета во Македонија. Слепи ли биле, или? – праша Димовски.

Прашан од каде добил доверлива информација за количината на кокаинот запленет пред два дена во меѓународната акција во која учествуваше и МВР, Димовски вчера ни рече дека не е точно оти тој прв ја објавил веста, туку дека тој само ја презел од една телевизија.

И потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски се приклучи кон канонадата фалби за МВР, односно на министерот од неговата партија. Тој рече дека никогаш немало толку кокаин како во последните три години, ама откако Чулев дошол во МВР веднаш имало акција за сузбивање. „Во тоа е разликата“, заклучи Николоски.

За разлика од нив, секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, Бојан Маричиќ, го обвини министерот Чулев дека ја загрозил меѓународната акција за партиска и за лична промоција.

Јавноста знае дека само пред два месеца во Скопје беа притворени позната македонска актерка и нејзиниот сопруг во акција на шпанските, македонските и американските специјализирани служби. На уапсените им се става на товар дека биле дел од група што транспортирала 700 килограми кокаин од Колумбија до Шпанија.

Експертот за безбедност, поранешниот министер за внатрешни работи Љубомир Михајловски – Џанго вчера во разговор за „Утрински брифинг“ нагласи дека борбата против трговијата со дрогата не може да се води локално, туку дека е неопходно да се соработува со меѓународните служби специјализирани за такви акции.

– Заедничка борба им е потребна и на странските и на домашните служби. Жалам што кадрите кои биле обучувани за оваа работа во Македонија, поради политички причини, биле прераспределени на други позиции. Се донесоа непрофесионални одлуки и тие кадри се уништија, се уништи оперативноста на службите. Во иднина тие мора сериозно да се оформат. Тука во изминатиот период помогнаа службите од САД , преку ДЕА, не само во формирање кадри, туку и во опрема – рече Михајловски.

Тој објасни дека Македонија е и корисник и транзитна земја низ која поминува транспортираната дрога од исток кон запад. Производителите се надвор, а транспортот е за ситни пари. Кога дрогата ќе дојде во рацете на крајните доставувачи, тие ја растураат „на ситно“ на повеќе клиенти.

– Оперативците што ги откриваат наркопратките се специфични кадри. Не може секој да ја работи таа работа. Тоа се ризични акции и оперативците не работат по шаблони, туку мора да се многу интелигентни и подготвени да се снајдат во одредена средина. Светот на дрогата е многу специфичен – рече Михајловски.

За оваа пратка кокаин е отворена финансиска истрага за фирмата во чии простории е пронајдена дрогата, а се истражува дали други луѓе и фирми имале конекции во меѓународниот трансфер со крајна дестинација Крушопек, Општина Сарај.

Според „Топ ченел“, италијанската и албанската полиција знаеле за товарот, а во акцијата во Крушопек учествувала и албанската управа против организиран криминал.

„Првите информации велат дека кокаинот првично дошол од САД во Бар (Црна Гора), а требало да пристигне во Копер (Словенија). Од засега непознати причини дестинацијата е сменета и кокаинот завршил во Крушопек. Кога влегол во Албанија, полицијата набљудувала дали ќе биде и истоварен. Но, камионот бил со македонски регистарски таблички и не запрел во Албанија“, објави овој медиум.

„Растодер“ бил злоупотребен од меѓународна криминална организација

Во меѓувреме, компанијата „Растодер“, увозник на марката банани, во кои бил пронајден кокаинот, тврди дека била мета на криминална организација. Весникот „Дело“ објави дека уапсените во Скопје не се поврзани со „Растодер“, ниту пак полициската акција била насочена кон оваа компанија.

„За жал, македонскиот случај покажува дека меѓународните криминални организации се исклучително софистицирани и вешти. Затоа, веднаш по откривањето на спорната пратка во Македонија, ‘Растодер’ го извести добавувачот на банани дека ќе престане да соработува со него од превентивни причини и дека ќе продолжи да го прави тоа за да ги заштити своите деловни интереси и углед“, објавиле од оваа компанија.

Спасовски: Сензациите ја загрозуваат истрагата!

Техничкиот премиер Оливер Спасовски коментирајќи ја акцијата во Крушопек рече дека не е важно кој ја водел истрагата, туку дека се важни крајните резултати и кредибилитетот на истрагата. Тој апелираше истрагите да не се водат преку медиумите и сензационалистички.

– Сензационализмот не е основа за водење истраги и спроведување акции. Во секоја истрага мора да има сериозна кредибилност и кредибилитет и лична одговорност на оној што раководи со органот. Врвен приоритет е да се заврши сè, па да се каже пред јавноста. Не е важно веднаш во истиот момент да излезете пред јавноста, да ѝ кажете имам сензација, а со тоа да се загрози истрагата – рече Спасовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот