Занаетчиите со барање: Да бидеме опфатени со петтиот пакет антикризни мерки

Фото: mia.mk

Занаетчиите бараат од државата да бидат опфатени со петтиот антикризен пакет, да продолжи мерката за минимална плата која се движи од 17.410 до 21.700 денари, таа да биде безусловна и да нема нејзин поврат, како и да добијат еднократна финансиска помош за да ги покријат заостанатите индиректни трошоци.

Ова, според Занаетчиската комора, ќе им помогне полесно да ги надминат последиците од корона кризата.

– Важно е и занаетчиите да добијат и полесен пристап до бескаматната кредитна линија „ковид” на Развојната банка на РСМ и пофлексибилен третман за добивање на кредитните средства. Анализите покажуваат дека сега е моментот да се зголеми минималниот праг за ДДВ обврзниците од два на три милиони денари, што ќе придонесе да се подобри фискалната политика и да се намали „сивата” економија. Решенијата за аконтативно плаќање на персоналниот данок кај паушално оданочените занаетчии да бидат пониски за 50 проценти во оваа година споредено со решенијата од 2020-та година, изјави претседателот на Комората, Агрон Фазлији.

Тој се надева дека сите барања на занаетчиите како и досега ќе добијат поддршка од институциите.

– Со овие предложени мерки ќе можеме да обезбедиме одржливост на домашните занаетчиски дејности и работните места, закрепнување на одредени дејности и поттик на јавната потрошувачка, рече Фазлији.

Занаетчиска комора ги претставува сите 15 регионални занаетчиски комори на територијата на државата.

–  Од последната анализа на коморите увидовме дека скоро сите комори се соочуваат со големи проблеми и тешкотии во нивното секојдневно функционирање предизвикано од состојбата со корона вирусот и поради тоа предлагаме да им се додели еднократна финансиска помош во износ од 150.000 денари на секоја од нив, истакна претседателот на Занаетчиската комора.

Занаетчиската комора бара интензивна борба со „сивата” економија во нивната дејност, а од Министерството за образование и наука, за ревитализацијата на занаетчиството да стави посебен приоритет и третман на средно стручно образование (насока занаети и занаетчиски дејности), бидејќи последните години има дефицит на кадар во секторот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот