Законите за банки да бидат немилосрдно построги

Поседувањето банка е пресериозна работа. Ако во моментот, законите за основање на една ваква институција или пак контролата врз нив се строги, тие во иднина треба да бидат немилосрдно построги. Оти она што следува за клиентите и компаниите клиенти е, благо речено, „од по маките“.

Колкави се димензиите на пропаста на една банка, без разлика што нејзиното учество во вкупните кредити и депозити на банкарскиот систем беше под 2 проценти, покажува најсвежото искуство со укинувањето на дозволата за работење на „Еуростандард банка“. И покрај секојдневните уверувања дека тоа воопшто нема да влијае врз стабилноста на банкарскиот систем, чесно е да се каже дека последиците се шират како концентрични кругови, рефлектирајќи се не само врз штедачите, компаниите, туку и врз другите бизниси. Довербата во банкарскиот сектор, која се градеше во изминатите 20 години по пропаста на штедилницата ТАТ, се урна за миг. И ако за граѓаните важи правилото дека не треба да бидат банкарски стручњаци и до најситни детали да знаат што се случува во институцијата на која ѝ ја довериле својата заштеда, тоа не смеело да му случи на семејството Костовски, кое е еден од најважните акционери. Сега е веќе ирелевантно што Трифун Костовски вели дека имал „голема доверба во менаџерскиот тим и дека ни тој не се иззема од одговорност“.А стечајот на „Еуростандард банка“ уште не е ни почнат.

Мала или голема, банка е банка, а оваа на Трифун Костовски, имала 2.087 сметки на фирми, на кои останале заглавени дури 13 милиони евра. Сметки имале и 136.000 домаќинства, кои во банката чувале  99,3 милиони евра. На сметките во „Еуростандард банка“, фирмите и граѓаните чувале 112,3 милиони евра. Но, според регулативата, депозитите на домаќинствата до 30.000 евра се спасени и 71,5 милиони евра ќе им бидат исплатени преку Фондот за обезбедување на депозити. Од стечајната маса би требало да се наплатат вкупно 40,8 милиони евра, и тоа 13 милиони евра на фирмите, за кои не постои некаков Фонд и 27,8 милиони евра на граѓаните.

Изминатиот месец, освен што се дофрлуваат отровни стрели меѓу Народна банка и сопственикот Костовски, се пребројуваа и „жртвите“. На доскорешните клиенти на Банката им зовре главата од чекање пред другите банки за да отворат нова сметка и да си ги подигнат пензиите и платите. Истиот трнлив пат го минаа и примателите на социјална помош. Уште не е почнато обесштетувањето на штедачите со влогови до 30.000 евра. Здружението на оштетени штедачи на „Еуростандард банка“ веќе побара итно носење на законско решение со кое државата ќе ги преземе побарувањата на физички и правни лица од оваа банка и во целост парично ќе ги обештети. Потоа државата да наплати од стечајната маса. Се работи за цели семејства кои се погодени и фирми кои во време на пандемија се соочуваат со проблеми со ликвидност и затворање. Тие верувале во систем којшто ги заштитува, ги довериле нивните тешко заработени средства во финансиска институција, регулирана и контролирана од државата. И последно, но не помалку важно, е што сė уште не се започнати преговорите за избор на банка преку која Пошта ќе врши платен промет. Во меѓувреме, се прават големи мешаници пред банките, кои примаат комунални сметки, но работата ја забавува фактот што само ако сте клиент на односната банка може да платите  на нивните шалтери.

Она што е најважно за клиентелата на „Еуростандард банка“ е стечајот да се води брзо и ефикасно, а со тоа и да има и најголем можен процент на обесштетување. Неефикасноста во затворањето на бизнисите не е оригинален македонски рецепт. Со неа се борат речиси сите земји во светот, а повратот на средствата, ни оддалеку не соодветствува на влогот и кога е во прашање најпрост случај, а банките сигурно не спаѓаат во нив, констатираат експертите. Причините за ова се лоцираат во високите административни трошоци и долгите продолжувања на исплатата, како и развлечената продажба на делови од виталните бизниси. Во развиените земји, овие процедури речиси никогаш не ја постигнуваат нивната основна цел – спас на фирмата и речиси 80 проценти од неликвидните бизниси се продаваат парче по парче. Но, генерално, ако компаниите со подобри перформанси се решаваат според принципот отвори – затвори стечај, тогаш резултатите ќе бидат поповолни, процедурите ќе се скусат и ќе се зајакне ефикасноста.

За две децении во земјава пропаднаа пет банки: Алмако, Експорт-импорт, Радобанка, Македонска банка и Еуростандард банка. Заедно со нив изгубени се и повеќе од 100 милиони евра – дел пари на граѓаните-штедачи, но поголем дел државни пари. За потсетување, дозволата за работа на „Алмако банка“ беше укината во 1999 година, а стечајната постапка траеше повеќе од 10 години. Заедно со банката пропаднаа и 25 милиони евра државни пари. Со ликвидацијата на „Радобанка“ изгореа 5 милиони евра на штедачите и 20 милиони долари државни пари, тајвански кредити. Во 2007 година, пропадна „Македонска банка“ со 40 експозитури во 30 града. Во неа имаше 23 милиони евра депозити на граѓани и околу 9 милиони евра депозити на правни лица, а клиентите и денес плаќаат камати. Во овој период пропаднаа и шест штедилници. Од 1997 година, кога почна да функционира Фондот за осигурување на депозити, до лани преку него се исплатени 20.073 штедачи  кои добиле 22,3 милиони евра или 90,2 отсто од побарувањата.

Поседувањето на една банка е пресериозна работа и ако во моментот, законите за основање на една ваква институција или пак контролата врз нив се строги, тие во иднина треба да бидат уште понемилосрдно строги. Оти она што следува за клиентите и компаниите клиенти, е благо речено „од по маките“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот