Загубивме во Атина, одбојкарите сега дома ќе играат за пласман на Европското првенство
Македонската одбојкарска репрезентација не успеа да направи подвиг во Атина и загуби од селекцијата на Грција со 3-0 во сетови, во рамки на квалификациите за Европското првенство.
Препорачано
Нашите одбојкари влегоа охрабрено во мечот и по почетните два поени на домаќините, презедоа контрола и поведоа со 3-6. Но, таа иницијатива беше краткотрајна. Грците брзо се вратија во ритам, го презедоа водството и првиот сет го добија убедливо со 25-18. Вториот сет донесе слична приказна. Македонија парираше само на стартот, но Грција со сигурна игра го диктираше темпото, ја зголеми разликата и го освои сетот уште поубедливо, 25-15.
Најголема борба се водеше во третиот сет, каде нашите одбојкари покажаа карактер и имаа шанса да го вратат мечот во игра. Македонија дојде до сет-топка, но во клучниот момент Ѓорѓиев сервираше во мрежа, а Грција ја искористи можноста и со 26-24 стави печат на победата.
Со овој пораз продолжува негативната серија против јужниот сосед, Македонија досега има четири порази од четири меча против Грција.
Сепак, надежта за пласман на Европското првенство сè уште постои. Одлучувачки ќе биде натпреварот против Грузија во Скопје, каде нашите ќе имаат шанса да обезбедат виза за континенталниот собир пред домашната публика.


