ЗАГРИЖУВАЧКИ: Дневно трошиме по еден милион најлонски ќеси

Министерството за животна средина подготвува Закон за пакување и отпад од пакување со кој се очекува до 2021 година за 50 проценти да се намали употребата на пластични ќеси, најави денеска заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули.

Законот е во консултативен процес и истиот се очекува да биде изгласан за неколку недели.

Македонија се соочува со еколошка катастрофа, а проблемот ќе биде уште поголем доколку не се стави во ред прекумерната употреба на пластични ќеси. Според Фејбук групата „Ќеса, не благодарам, торба си носам“ во државава има 2 милиона жители, една четвртина од нив се купувачи. Секој од нив секојдневно пазари и троши во просек 2 ќеси. Тоа се 1 милион најлонски кеси секојдневно, кои се натрупуваат на депониите, ја загадуваат почвата, се горат и го загадуваат воздухот.

Дел од еко-активистите, на социјалните мрежи промовираат и кампања, во која ги повикуваат граѓаните да ја намалат употребата на пластични ќеси. Преку групата „Ќеса, не благодарам, торба си носам“, еколошките освестените граѓани повикуваат на што помасовно користење на платнени торби за пазарење.

Од 2013 година производителите на пластични ќеси, по наредба на Министерството за животна средина започнаа да изготвуваат биоразградливи ќеси, чие што време на распаѓање е од шест до осум месеци, за разлика од пластичните на кои им се потребни векови за да се распаднат.

Ваквите ќеси трговците почнаа да ги наплатуваат со што на сметка на годишно ниво инкасираа значителна сума. На пример ако 500 потрошувачи купат ќеса која чини два денара, за маркетот тоа е заработка од 1000 денари. За 30 работни денови, под услов фреквенцијата на потрошувачи да е иста секој ден, тоа се неверојатни 30.000 денари. За една година, 360.000 денари или нешто помалку од 6.000 евра.

-Знаејќи ја оваа „проста“ математика, можеби ќе се мотивирате во иднина да не заборавите со себе на пазарење да си понесете платнена торба, наместо да купувате ќеси, кои незабележително ви го намалуваат домашниот буџет, но и ја загадуваат животната средина – порачуваат екологистите.

Оваа препорака ја испрати и заменик-министерот Макрадули кој рече дека од денеска нема да заборави кога оди да пазари да земе платнета торба.

Во кампањата против употребата на пластични ќеси денеска се вклучи веледрогеријата „ДМ“, кои најавија дека од 21 октомври целосно ќе ги повлечат од употреба пластични ќеси за една употреба.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот