Загадува или не скопскиот Завод за рехабилитација? Екологистите и инспекторите со спротивни тврдења

Црн и отровен чад како излегува од оџакот на скопскиот Завод за рехабилитација се гледа на снимката која неодамна на Фејсбук ја објавија активистите од Зелен хуман град, Фото: Принтскрин /Фејсбук

Црн и отровен чад како излегува од оџакот на скопскиот Завод за рехабилитација се гледа на снимката која неодамна на Фејсбук ја објавија активистите од Зелен хуман град. Ваквата објава од државниот Инспекторат за животна средина ја оценија како манипулативна, посочувајќи дека видеото било старо од пред една година, односно дека било снимено во претходната грејна сезона. Сепак, од Инспекторатот признаваат дека на оваа установа сѐ уште не ѝ е одобрен Елаборатот за животна средина од Министерството за животна средина поради тоа што било констатирано надминување на максималните дозволени количини на NO2-азотен диоксид и прашина.

„Граѓаните кои ги доставија снимките до нас тврдат дека видеото е снимено на ден 18 октомври годинава. Не е во ред од ДИЖС вака да дефокусираат кога и самите знаат каква е состојбата и на што се грее Заводот. На крајот сите го дишеме истиот воздух, не знам зошто некој би ширел дезинформации за ваква работа“, велат од Зелен хуман град.

Тие одговорот од пријавувачите веднаш го препратиле до ДИЖС, но оттаму не добиле никаков одговор.

Државниот Инспекторат информира дека Заводот за рехабилитација на 14 октомври побарал од Министерството за здравство да им одобри јавна набавка за изработка на проектна документација за нова гасна котлара за загревање на Установата. Последна набавка на мазут за греење Заводот за рехабилитација има извршено во јуни годинава од фирмата „Супертрејд“. Од државниот Инспекторат информираат дека земената мостра од страна на акредитираната лабораторија на Макпетрол АД Скопје покажала дека има надминување на сулфур, вода и седименти и кокс.

Името на фирмата „Супертрејд“, инаку еден од најголемите снабдувачи со мазут на државните установи, во јавноста се појави пролетва, непосредно по аферата за увоз на опасен лажен мазут кога царинската контрола на нивен контигент на мазут покажала зголемено присуство на вода во земените мостри за анализа.

По направениот инспекциски надзор минатата недела, Инспекторатот наложил контрола на новопристигнатите количества мазут и ја задолжи јавната здравствена установа да изврши мерење на концентрацијата на загадувачки супстанции и прашина во емисијата на гасови од емитерот-оџакот на котларата за парно греење по приемот на новата количина на мазут.

Во февруари годинава државниот Инспекторат, по многубројни поплаки од граѓаните, констатирал дека Заводот за рехабилитација гори мазут во дотраен котел, дека е неопходно да спроведе мерења на емисиите во воздухот од страна на акредитирана лабораторија и да го подобри одржувањето на котелот кој е во видливо лоша состојба. Инспекторите тогаш препорачаа обезбедување финансиски средства во најитен можен рок за да се напушти горењето на мазут и да се премине на природен гас, да се вградат сончеви колектори и да се подобри енергетската ефикасност.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот