ВОЗНЕМИРУВАЧКО ВИДЕО | Имиграциски агент уби маж во Тексас
Агент на американската Служба за имиграција и царина (ИЦЕ) вчера смртно застрела човек во Хјустон, откако тој се обидел да избегне апсење со возило за време на акција, објави „Си-ен-ен“.
Препорачано
Министерството за внатрешна безбедност на САД (ДХС) во соопштение наведе дека мажот, државјанин на Мексико, не ги послушал наредбите да запре и се обидел да удри агент, по што службеникот пукал од огнено оружје во самоодбрана.
Според министерството, кое ја надгледува ИЦЕ, мажот бил цел на акцијата бидејќи престојувал во земјата без законска дозвола.
Од министерството додадоа дека неговото возило удрило во возило на ИЦЕ.
Во соопштението се наведува дека станува збор за Лоренцо Салгадо Араухо, кој починал во болница.
Канцеларијата на ФБИ во Хјустон истражува можен напад врз федерален службеник за спроведување на законот, изјави портпаролот Конор Хаган.
Тој додаде дека тимот за собирање докази на ФБИ, на барање на ДХС, излегол на местото на пукањето за да ја обработи сцената.
Пукањето се случи во период кога имиграциските власти ги засилуваат акциите за спроведување на планот на администрацијата на Трамп за масовни депортации.
Кон крајот на јуни, ИЦЕ изврши повеќе од 10.000 апсења во период од пет дена.
🚨 An illegal alien in Houston ran over an ICE agent during a chase and was shot.
CPR was reportedly performed on him while rushing him to the hospital. pic.twitter.com/TWDC9gPxjd
— Kim “Katie” USA (@KimKatieUSA) July 7, 2026
Најголемиот град во Тексас е под засилени имиграциски операции откако минатата година започна акцијата, што предизвика и јавни реакции.
Градскиот совет на Хјустон гласаше за усвојување одлука со која се ограничува соработката со ИЦЕ, но подоцна ја повлече откако гувернерот на Тексас, Грег Абот, се закани дека ќе скрати повеќе од 100 милиони долари од државното финансирање за јавна безбедност.
Конгресменката Силвија Гарсија изјави дека пукањето се случило за време на „акција на ИЦЕ“ во нејзиниот изборен округ во Тексас. Таа на платформата „Икс“ напиша дека првичниот извештај на федералните власти треба независно да биде проверен и истражен.
Градоначалникот на Хјустон, Џон Витмир, одби да коментира.
Хуан Проањо, извршен директор на Лигата на обединети латиноамерикански граѓани, повика на транспарентна истрага спроведена од локалните власти.
„Воопшто не им веруваме на зборовите на ДХС. Треба да има независна истрага и треба да ги објават сите видеоснимки“, изјави Проањо.
Од почетокот на интензивната акција на администрацијата на Трамп за спроведување на имиграциските мерки, имало најмалку шест смртоносни пукања во кои учествувале федерални службеници.
Првичните описи на настаните од страна на имиграциските власти подоцна биле оспорени со видеодокази.
Во јануари, 37-годишната американска државјанка Рене Гуд била застрелана во глава од федерален имиграциски агент за време на акција во Минеаполис.
ДХС тврдеше дека Гуд се обидела да го удри агентот со возилото, но локалните власти и сведоци го оспорија тоа, велејќи дека таа само се обидувала да замине.
ВИДЕО | Објавена нова снимка пред убиството на Рене Гуд од камерата на агентот кој ја застрела


