Заев сведочеше дека не ги познавал свиркачите

Фото: Слободен печат/ Арбнора Мемети

Премиерот Зоран Заев на денешното судско рочиште „Таргет и Тврдина“, посочи дека документите и материјалите биле и во пишана и во аудио форма.

– Претседателот на комисијата, Верушевски, ме запоза на кој начин и како ги добива партијата овие материјали- рече Заев.

Прашан дали ги познава Ѕвонко Костовски и Ѓорѓи Лазаревски, Заев рече дека во тој период кога бил запознаен со документите и материјалите не ги познавал ниту Костовски, ниту Лазаревски.

– Единствено што ме интересираше е дали тие материјали доаѓаат од институции на државата или од надвор. Дека доаѓаат од институции на државата, тоа можев да го видам од презентацијата на материјалите и документите во владеење на СДСМ- рече Заев.

Прашан што констатирал од тие материјали, Заев рече дека од согледувањето увидел дека се прави масовно следење.

– Дека тоа се прави надвор од пропишаниот законски пропис, односно надвор од судска наредба и посебни истражни мерки и дека масовноста на прислушувањето според моја проценка опфатила над 20 илјади граѓани-посочи Заев.

Најчест таргет, рече премиерот Заев биле опозицијата и високите претставници на опозициската СДСМ и тоа јасно е видливо по обем споредено со другите.

– После опозицијата според мене беа новинарите, па експерти, а на исто ниво негде беа и претставници на НВО, но и деловни луѓе на државата, верски претставници и неколку телефонски броја од високи претставници од власта во тоа време. Јасно се гледаше и дека подолго време биле ставени и високи претставници на скоро сите албански политички партии- изјави Заев.

Прашан дали и тој бил меѓу прислушуваните Заев рече „да, веројатно како најзастапен од СДСМ, веднаш после Црвенковски”, посочувајќи дека тоа било во обем од илјадници разговори и смс пораки.

Заев рече дека од тоа со што располага СДСМ, се прислушувало во периодот од 2008 до 2014 година. Тоа, додава се правело во МВР и УБК.

Судскиот процес за „Таргет Тврдина” го води судијката Џенета Бегтовиќ, а застапници на обвинението се обвинителите Трајче Пеливанов и Артан Ајро.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот