Заев: Поднесувам оставка од премиер и од претседател на СДСМ

Прес-конференција на премиерот Зоран Заев / Фото: Принтксрин

Ја преземам одговорноста од резултатите на овие избори и поднесувам оставка од премиер и од претседател на СДСМ, изјави вечерва лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

– Им честитам на сите градоначалници. Сакам да споделам разочараност кај мене и кај народот. На овие избори видовме сојузи на жртви и насилници од 27 април. Се здружија без било каков образ за глас и пари – рече Заев.

Тој истакна дека е горд како прогресивни сили што земјава ја внеле во НАТО, дека набрзо e можно да почнат преговорите со ЕУ , дека е спроведен успешен попис, дека го обединил народот и дека и дека има соработка со сите пет соседи.

Заев нагласи дека поради влезени во земјава големи пари од надвор, завршиле во дел фирми и како што рече, влијаеле на изборниот резултат.

– Жалам што исти луѓе кои пред четири години тргнаа да убиваат во Собранието, сега се избрани за градоначалници. Видовме сојуз на жртви и на насилници само за власт. Не е тешко да се изгуби власта. Убеден сум дека донесовме слобода и демократија, а слободата и демократијата значат и одговорност. Можеби не сум во право, но ред е народот да поддржи политичари кои носат храбри одлуки. Јас ја презедов одговорноста врз себе, за прогресивните сили да можат да ја продолжат борбата, рече Заев.

Тој порача дека не треба да има предвремени парламентарни избори и дека ќе остане за да се реорганизира новата влада. Заев рече дека му било чест што можел да му служи и да работи за народот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот